- Со 461 глас за, 121 против и 107 воздржани, Европскиот парламент го усвои извештајот на Томас Вајц за напредокот на Македонија, но откако од документот беа отфрлени зборовите „македонски идентитет“ и „македонски јазик“.
- На отстранување на сите референци за македонски идентитет и јазик инсистираа трите најголеми политички групи и европратеници од Бугарија и од Грција.
- Документот на европратеникот од Австрија ги опфаќа клучните предизвици на Македонија на патот кон ЕУ и препораки за напредок во владеењето на правото, борбата против корупцијата, реформата на јавната администрација и зајакнување на демократијата.
- Владата прогласи кризна состојба од 30 дена на целата територија на Македонија поради зголемената појава на пожари.
- „Ова на терен значи дека се овозможува интегриран пристап и координирано дејствување на сите надлежни институции - Армијата, полицијата, сите противпожарни единици, Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување и локалните самоуправи. Ќе се мобилизираат сите човечки, технички, логистички и други ресурси“, изјави портпаролката Марија Митева.
- Владата ќе обезбеди помош за сите засегнати подрачја за да се спречат поголеми последици. Ги повика граѓаните да бидат максимално внимателни и да ги почитуваат сите препораки и забрани.
- До 12.30 часот имало 9 активни и еден локализиран пожар на отворено, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК).