Фиксниот телефон кој не престанува да ѕвони

Во 1953, Џејмс Фој, тогашниот продекан за настава и студентски прашања на Универзитетот Обурн, вовел телефонска линија за студенти, која потоа била отворена и за јавност. Од тогаш па до денес студенти дежураат и одговараат на различни прашања на луѓе кои или навистина не го знаат одговорот, или пак само им се прави муабет со пријатен човечки глас. 

Фој деск е името на канцеларијата во која студенти на Универзитетот Обурн во Алабама одговараат на телефонски повици на фиксен број, воспоставен уште во далечната 1953. Прашањата што им се поставуваат се во широк опсег, од правни, како „Ако умреш на хируршка маса и те  прогласат за мртов, а после се повратиш, дали треба судија повторно да те прогласи за жив?“, преку такви поврзани со видео игри - „Како се добива Супер серумот од Кол оф дјути?“ - до тривија како „Кој е најпознатиот човек на светот?“. 

Околу 13 милиони луѓе во САД и 2.6 милијарди луѓе глобално не користат интернет, или затоа што немаат пристап или затоа што немаат желба, а има и такви што го одбегнуваат од религиски причини. За оние кои го вртат бројот (334) 844-4244, овие студенти се интернет. А овие пак се љубезни и кога станува збор за обичен разговор. Обуката за работа на овој „деск“ е многу едноставна - не треба да се одговара на прашања кои звучат како домашна работа (тоа значи дека најверојатно некого го мрзи да ја напише), а ако некој е агресивен или се заканува треба да се стисне *57 што помага полицијата да влезе во трага на повикувачот. 

Во текот на денот телефоните ѕвонат 10-15 пати НА ЧАС. По крајот на работното време повиците се поретки, што им дава време на студентите да си ги завршат своите обврски. Понекогаш смените си разменуваат искуства и се обидуваат да замислат кои би можеле да бидат повикувачите врз основа на гласот, акцентот, повикувачкиот број и прашањата. Има и такви кои се јавуваат секоја ноќ, а таква со години била жена која ја викале „Госпоѓата од домот за стари“, која всушност и немала некои посебни прашања туку само сакала да зборува со младите луѓе. 

Ова е начин студентите да се научат брзо и ефикасно да бараат одговори на прашањата, но и да бидат во контакт со луѓе од различни социјални и возрасни групи, запознавајќи се со нив барем на овој фиксно-телефонски начин.

2 May 2025 - 17:42