Необична фраза почнува да се појавува во научни статии - зошто?

Сте чуле за „вегетативна електронска микроскопија“? Вака звучи некако учено, но изразот нема никаква смисла. Па сепак, таа не само што се вовлекла некако во онлајн содржините, туку сега е тешко да се избрка од таму.

Како што постојат биолошки фосили заробени во камен, дигиталните артефакти исто така можат да станат постојани елементи на нашиот информациски еко-систем. 

Таков е случајот со необичен термин кој се појавува онлајн, во статии кои имаат врска со природни науки - „вегетативна електронска микроскопија“. Ова е всушност термин кој нема никаква смисла, но е сочуван, а сега и промовиран од системи на вештачка интелигенција, до степен до кој е речиси невозможно да се отстрани од репозиториумите на информации. Овој случај отвори дискусии околу тоа како ВИ може да воведе, а потоа и да шири вакви грешки низ целото наше колективно знаење. 

Како воопшто дошло до една ваква кованица? Изгледа дека станува збор за обична грешка но со големи последици. Две статии од 1950-тите, објавени во списанието Bacteriological Reviews, биле скенирани и дигитализирани. Но во текот на тој процес случајно биле комбинирани „вегетативна“ од една колона на текстот, со „електронска“ од друга. 

Резултатот? „Вегетативна електронска микроскопија“ од тогаш се јавува во најмалку 22 статии според Гугл Сколар. На ова веќе мораат да реагираат издавачите на списанијата за коишто станува збор, па тоа веќе го направија од престижниот Шпрингер и Елсевиер.

Пронаоѓањето грешки од овој вид не е лесно. Но нивното поправање е речиси невозможно, бидејќи бара огромна компјутерска моќ, способна да го провери цел интернет! Станува збор за илјадници лажни статии кои ја „трујат“ научната литература. Издавачите на научни списанија ќе мора дополнително да ги зајкнат процесите на рецензии за да можат да забележат не само човечки, туку и грешки генерирани од ВИ. Дигиталните фосили не само што ги потенцираат технолошките предизвици на мониторирање огромни бази на податоци, туку и претставуваат фундаментален предизвик на одржувањето такви системи на знаења на кои човек може да им верува и во кои грешките нема самите да се репродуцираат без никаква контрола.

извор

29 април 2025 - 19:06