Омилената кафана на Гете и Шуман полни 500 години

Теологот Мартин Лутер, композиторот Роберт Шуман и писателот Гете - сите тие биле редовни гости во визбата на славен ресторан во Лајпциг. Што го прави толку посебен?

Oјербахс Келер во Лајпциг е еден од најпознатите ресторани во светот. Секоја година тука се јадат 36.000 говедски ролати, се пијат над 90.000 литри пиво и речиси исто толку количество вино. И им се посакува добредојде на околу 300.000 гости. 

Уште поимпресивен од количествата храна и пијалоци е фактот дека ресторанот е отворен пред петстотини години! Во текот на Велигден 1525, лекарот и универзитетски професор Хајнрих Стромер фон Ојербах тука им сипал вино на своите студенти за прв пат. Тој бил пријател со реформаторот Мартин Лутер, исто така чест гостин во келер-от во раниот 16 век. Легендата вели дека ова било местото каде тој се криел од своите непријатели. Денешната адреса е под Медлерпасаж, во стариот дел на градот, близу пазарот. 

Сепак, славата на местото главно се должи на тоа што пред 250 години тоа го има инспирирано првиот дел од „Фауст: трагедија“ на Гете. Сцената од драмата која се одвива во ресторанот и денес ги привлекува гостите од цел свет. Традицијата долга пет века овој Велигден била прославена со голема гозба, „како во старите добри времиња“, но како и во „Фауст“ - со чинии и во садови од 18-тиот век. 

Во спомнатата сцена итриот Мефистофел сака да го внесе Фауст во „забавното друштво“. Ги части со вино присутните во визбата, а потоа излегува од неа „јавајќи“ на буре. Но Гете не ја измислил, туку бил инспириран од постара приказна за волшебникот доктор Фауст, кој му ја продава душата на ѓаволот за посебни моќи. Во визбата тој видел два дрворези од 1625 на кои била прикажана легендарната сцена со бурето, па ги вметнал во драмата. Во 18 век, ресторанот се уште служел само вино, кое не било во шишиња туку точено директно од бурињата во визбата, а до 19 век не се служело храна.

29 април 2025 - 12:11