Букбокс гледаше: „Невести“ (2004)

Грчкиот филм на Пантелис Вулгарис, врз основа на документирани случаи, ја раскажува приказната за „нарачаните невести“, кои патуваат со брод до Америка, за таму да стапат во брак со мажи кои ги имаат видено само на слика. 

Во времето без интернет и „дејтинг“ сајтови, браковите се договарале преку проводаџии, помеѓу семејствата на младенците. Но во случаи кога мажите масовно заминувале на печалба во прекуокеански земји, ергените кои сакале или морале да се земат со сонародничка се снаоѓале на друг начин - испраќајќи фотографија и „писмо со намери“ на посредник, кој правел комбинации и физички ги пренесувал девојките во новиот дом.

Токму на оваа пракса се однесува грчкиот филм „Невести“ (Нифес) од 2004, прикажан синоќа (29.4.) во Кинотека. Амбициозната продукција која меѓу другото ја потпишува и Мартин Скорсезе, почнува силно, со враќање на девојка на островот Самотраки, откако таа не можела да го издржи животот во САД, каде заминала како „нарачана невеста“. Започнува „конкурс“ за тоа чии ќерки ќе заминат во следниот турнус, а меѓу нив е и Ники Дука, сестрата на девојката која се враќа во родниот крај поради зборовите кои имаат старогрчки корен - носталгија и меланхолија. Таа всушност треба да ја замени сестра си на местото сопруга на кројач со грчко потекло во Чикаго, кој си го бара ветеното. 

Ники е само една од 700-те невести не само од Грција, туку и од Русија и Турција, кои се качуваат на бродот „Крал Александар“ кој плови за Њујорк и во потпалубата на третата класа се обидуваат да го поминат времето подготвувајќи го својот чеиз или потпевнувајќи ги народните песни. На бродот има и луѓе кои не им мислат добро, макроа и богаташи кои си го кратат патувањето со по некоја ноќна авантура со сиротите жени. „Лошиот“ притоа е грузијски посредник кој ја води руската група. Но негов контрапункт е светлиот и добар фотограф Норман Харис, кој по неуспешна професионална мисија го продава својот апарат и се качува на бродот во пристаништето Смирна. Веднаш ја забележува Ники, која е воздржана и стоички подготвена да не се впушта во љубовна авантура, во име на ветеното кон фамилијата. Во меѓувреме тие двајца се обидуваат да издејствуваат похуман третман на патничките, меѓу другото со тоа што Норман ќе ги слика нивните портрети во невестински велови, на тој начин архивирајќи го нивното постоење (иако не и нивните приказни).

И покрај одличната основа во историјата, како и богатата сценографија и костимографија, филмот е мелодраматичен и предвидлив. Малку помага двоецот Норман-Ники, односно Демијен Луис (најпознат по улогата во серијата „Хоумленд“) и одличната Викторија Харалабиду. Само неа ја запознаваме подетално, додека другите девојки се само декор - повеќето од нив не изговараат ниту еден збор. Постојат издржани историски истражувања на оваа тема, и за европската, но и за јапонската и корејската пракса на вакво „проводаџиство“ во дијаспората (на пример). Штета што филмот не искористил дел од усните истории на овие жени за да ги прикаже не само како атракција туку како реални, човечки ликови кои продолжиле да постојат и откако се истовариле од бродот. Потажни или посреќни отколку кога би останале во своите домови? Кој знае...

Илина, Букбокс

30 април 2025 - 09:05