Утре, 30.11, сандак со земја од САД, Франција и Монако, места каде Бејкер оставила свој белег, ќе биде депониран во споменикот Пантеон во Париз. По барање на нејзиното семејство, нејзиното тело ќе остане во Монако.
Францускиот претседател Емануел Макрон одлучи за нејзиниот влез во Пантеонот - гробиштата на најславните Французи - како одговор на петиција со вакво барање. Освен што со ова се оддава почест на посебна фигура во француската историја, потегот треба да испрати и порака против расизмот и да ги промовира американско-француските културни врски.
Бејкер е родена во 1906 во Сент Луис, Мисури. На 19 години, кога била веќе разведена два пати, почнала музичка кариера и користејќи шанса за заработка се преселила во Франција.
Тука пристигнала во 1925, и веднаш доживеала успех на сцената на Театарот на Шанзелизе, каде се појавувала топлес и носејќи го познатиот „банана“ појас. Нејзиното шоу кое ги отелотворувало расистичките стереотипи за африканските жени во тој период, предизвикал и осуда и огромен интерес.
Сопствениците на локалите каде што настапувала од неа барале да изведува нешто „диво“, „племенско“, нешто што би годело на Европејците желни за егзотика и за поинакви - црни - женски тела.
Иако кога пристигнала во Франција не го зборувала јазикот, таа сериозно се посветила на учење, и по некоја година веќе го зборувала не само францускиот туку и уште неколку јазици. Добила државјанство откако се омажила во 1937 со индустријалецот Жан Лион, Евреин кој подоцна страдал од антисемитските закони на колаборационистичкиот режим.
Во 1939, кога Франција и Британија објавиле војна против нацистичка Германија, Бејкер се поврзала со раководителот на француското контраразузнавање. Станала шпион и информатор, што не било тешко со оглед на тоа што се движела во високите кругови и често патувала. Информациите ги пренесувала скриени во нејзините нотни тетратки.
По поразот на Франција во 1949, одбила да настапува за нацистите кои го окупирале Париз и се преселила во југозападна Франција. Продолжила да работи за француското движење на отпорот. Во момент кога била тешко болна, заминала за Северна Африка каде собирала информации за генералот Шарл де Гол, шпионирајќи ги и Британците и Американците кои не му верувале и не ги споделувале сите информации.
Истовремено, собирала и средства за движењето на отпорот. Се смета дека во текот на животот донирала сума од денешни 10 милиони евра. Организирала и концерти за војници и цивили близу борбените зони.
По војната била вклучена во антирасистичката политика. Се борела против американската сегрегација во тек на турнеја низ САД од 1951, по што била обележана како комунист од страна на Еф-би-ај и ѝ било забрането да настапува цела деценија. Забраната била укината дури од претседателот Џон Ф. Кенеди во 1963. Таа била единствената жена која зборувала на Маршот на Вашинтгон, пред славниот говор на Мартин Лутер Кинг, „Имам сон“.
Назад во Франција таа посвоила 12 деца од целиот свет, создавајќи по нејзини зборови „племе на виножитото“, што го отсликувало нејзиниот идеал за „универзално братство“. Купила замок и земјиште во југозападна Франција каде се обидела да изгради град кој ќе ги отелотвори нејзините вредности. Но при крајот на животот наишла на финансиски проблеми, поради што ги загубила имотите. Во седумдесетите се обидела да се врати на сцената, но паднала во кома и починала од мозочен удар. Била погребана во Монако, каде таа и нејзините деца престојувале под закрила на принцезата Грејс.
Пантеонот, изграден на крајот на 18 век, до сега е место на последно почивалиште на 72 мажи и пет жени, меѓу кои Волтер, Пјер и Марија Кири, Виктор Иго и Емил Зола. Воочи церемонијата француските медиуми пренесуваат детален протокол на настанот, кој ќе вклучува и носење на сандакот од страна на пилоти, бидејќи Бејкер меѓу другото била и поручник во воздухопловните сили.