Зошто сме опседнати со лоши вести?

Дали сте забележале дека во секојдневни разговори почнавме да се натпреваруваме кој ќе каже поголема апсурдност од македонската реалност или полоша вест? И тоа е еден вид „думскролинг“ само во живо, низ муабет, а потребата за истото се објаснува со подлабока, еволутивна причина.

Психолозите велат дека следењето исклучиво на лоши и вознемирувачки вести како компулсивно и проблематично однесување веќе може да се мери со коцкањето и зависноста од социјалните медиуми. Тоа подразбира постојано фокусирање на заканувачки и опасни настани и вести, што прави некои луѓе да бидат заглавени во многу мрачна и често безнадежна состојба на умот. 

„Думскролинг“-от, како што се нарекува чинот на минување прекумерно количество време читајќи негативни вести онлајн, сепак не е толку нов феномен како што се претпоставува. Тој се поврзува со „синдромот на зол свет“ (Мean World Syndrome) од 1970-ите, опишан како верување дека светот е поопасно место за живеење отколку што реално е. Терминот го смислил професорот по комуникации Џорџ Гребнер и тој го поврзувал со долготрајна изложеност на насилна содржина на телевизија, но медиумoт не е важен, бидејќи принципот е ист.

Така, целата приказна, со многу подраматичната одредница („дум“-проклетство) почна да се поврзува со интернет во раните 2020-ти, преку пандемијата, американските избори за претседател и руската инвазија на Украина. 

Има повеќе теории зошто човек би се малтретирал самиот со лоши вести. Една од нив вели дека ова може да е резултат на еволутивни механизми, склоност за регистрирање и предвидување опасност. Со тоа што често ги следиме негативните вести, имаме чувство дека сме информирани, и наводно и подобро подготвени. Но проблемот е што ова не влијае само врз спремноста за борба или за бегство, туку на целокупниот светоглед, на влошувањето на расположението и менталното здравје. 

7 март 2024 - 15:04