Зошто се викаат „сапунски опери“?

Ова е вообичаениот назив за серијалите кои долго време биле емитувани во дневни термини по телевизиите - евтини продукции со многу  мелодрама. Точно како музичките мелодрами од пред три века. А за сапунот се заслужни производителите на средства за чистење, кои преку нив им се обраќале на своите најголеми муштерии - жените.

Таканаречените „сапунски“ опери своевремено биле она што се денес Нетфликс сериите кои се гледаат на едно седнување, само полни со сентименталност и домашна драма. Со своите напумпани приказни, тие потсетуваат на еден друг уметнички жанр - операта. Секако не сите, но најпопуларните во свое време имале токму такви либрета, од жанрот „верисимо“ (приказни од вистинскиот или реалниот живот), доволно „зачинети“ за да бидат и по малку скандалозни. 

Да ја земеме за пример „Свадбата на Фигаро“ на Моцарт. Главниот лик, Војводата, сакајќи да ја заведе Сузана (вереницата на Фигаро), сака да го намести Фигаро со Марселина, жена која е доволно стара за да биде негова мајка. И која, како што ќе излезе, навистина Е неговата мајка. Во операта таа речиси паѓа во несвест кога ќе ја открие вистината, сепак среќна што се уште ќе може да го сака Фигаро, иако на малку поинаков начин. 

Ова е што се однесува до делот на операта. А сапунот?

„Сапунска опера“ е всушност американизам кој датира од 1930-тите, бидејќи популарните радио драми од тој период биле спонзорирани од производители на сапун и други средства за хигиена и чистење, како Проктер и Гембл или Колгејт. Сите биле емитувани во текот на денот, бидејќи тогаш можеле да ги слушаат оние на кои им биле наменети, домаќинките. Чистејќи низ дома, тие на тој начин биле идеална публика и за радио драмите, но и за спомнатите компании, кои во ова виделе одлична можност да допрат до својата целна група. 

Најдолго емитуваната „сапунска опера“ на радио е „Арчерс“ на Би-би-си, чија премиера се случила во 1950-тата. Најдолго прикажувана пак на телевизија е „Коронејшн стрит“, која почнала во 1960-тите. Како што жените почнале повеќе да работат во домот, така се намалил и бројот на ваквите серии, а потребата за мелодрама ја надоместиле реалните шоу програми. 

4 декември 2024 - 16:44