Самиот автор ја опишува „Зошто родителите те нервираат и што да направиш во врска со тоа“ (Why Your Parents are Driving You up the Wall and what to do about it) како „обратна книга за родителствување“, односно таква која на тинејџерите ќе им овозможи да ги разберат загрижените реакции на своите родители и да им помогнат да ги надминат стравовите и сомнежите. Од друга страна, и родителот кој ќе ја прочита оваа книга ќе знае каде греши, и евентуално ќе се корегира.
Сепак, таа излегува од рамките на односот родител-дете, и зборува и за поширокиот контекст на третирање на тинејџерите во повеќето општества. Тинејџерските протести (меѓу кои и оние предводени од Грета Тунберг) можат да се разберат во смисла на тоа дека тие гледаат што се случува во возрасниот свет и сфаќаат дека возрасните не го прават она што би требало. Оттаму сакаат да ги земат работите во свои раце, и да бидат одговорни за нив. Но колку можеш да знаеш и да поднесеш кога имаш 15? Тука е и главниот парадокс помеѓу желбата за глобална промена и реалниот капацитет таа да се спроведе, што е извор на фрустрација и на голем број тинејџери и на нивните родители.
Но кога тинејџерот станува возрасен, не според закон (кој е различен во различни земји), туку психолошки, ментално и социјално? Второво варира од личност до личност, но во контекст на невронаука, формирањето на мозокот кој е „возрасен“, односно кој е најсуштински за проценка на околностите и планирање на однесувањето, не завршува до средината на 20-тите години.
Што се однесува до тоа дали денес тинејџерите се „подобри луѓе“ од нас кога сме биле на нивна возраст, тоа секако не е нешто што може да се измери, но едно е јасно - тинејџерите се многу поинформирани на различни теми, посвесни се за прашања како ментално здравје и сексуалност, немаат толку небезбеден секс и не пијат толку многу. Или барем така вели авторот, следејќи ја логиката на таканаречениот „ефект на Флин“, односно резултатите од студија на порастот со текот на време на постигнувањата на стандардизираните тестови за интелигенција, и тоа по 10 бодови во генерација.
Дури и да е факт дека денешните тинејџери се попаметни од претходните, тоа секако не значи и дека тие се емотивно позрели или поотпорни на типичните тинејџерски кризи и дилеми. Сепак, книги како овие можеби ќе им помогнат да излезат на крај со тешките прашања кои ова нивно животно доба им ги поставува.