Како што забележува Атлантик, секое сетило има свое „лексичко поле", широка палета описни зборови за бои, звуци, вкусови и текстури. Но кога е во прашање мирисот, во различни јазици во оптек се само неколку, кои всушност не го опишуваат она што мириса, туку субјективното чувство на мирисачот: смрдливо, убаво или силно.
Кога опишуваме некој мирис ние всушност зборуваме повеќе за неговиот извор: „цветови од роза", „нота на бергамот", „длабоки ароми на сандалово дрво". Но ако никогаш не сте помирисале бергамот, тогаш информацијата дека некој козметички производ го содржи не ви врши многу работа во замислувањето како тој мириса. Дури и ако некој ви објасни дека бергамот е мирис на вид лимон, тоа повторно е само опис на изворот на мирисот, а не на самиот мирис, кој е просто „лимонест".
Производителите на вино и на парфеми мака мачат да го вербализираат мирисот на нивните производи, па смислуваат метафори од типот на „декадентно" или „софистицирано", што во најмала рака звучи чудно, ако не и крајно смешно (какво е побогу тоа вино што мириса „декадентно"?)
Социо-биолозите тврдат дека причината зошто има малку зборови за мириси лежи во фактот дека еволутивно на луѓето им биле поважни други сетила, како на пример видот. Според Дарвин, она за мирис е на „Б-листата", бидејќи е „од екстремно мала корист". Но филозофијата има и друг аргумент. Според Кант „мирисот не дозволува да биде опишан, туку само спореден преку сличност со други сетила". Така, кога главниот лик во романот на Зискинд „Парфем", кој има неверојатен талент за препознавање мириси, се сеќава, ги меша и ги спојува различните мириси во неговата глава, тој ни изгледа како супер-херој, бидејќи такви луѓе или воопшто не постојат, или се многу ретки.
Сепак, има и народи кај кои „мирисниот" речник е многу поразвиен од просекот. На пример, племињата Џахаи од Малезија и Маник од Тајланд користат помеѓу 12 и 15 посебни зборови за мириси.
Така, „итпит" опишува мирис на бинтуронг, вид животно долго два метра кое личи на нешто меѓу мече и мачка, кое мириса на - пуканки. Но „итпит" не значи пуканки, тоа не е израз поврзан со изворот на мирисот. Истиот збор се користи и за сапуни, цвеќиња и интензивниот мирис на овошјето дуријан, а се однесува на квалитет на арома кој западниот човек не може соодветно да го опише.
Овие народи имаат и посебни зборови за мирисот на бензин, на чад, на какушки од лилјак, за корен на див ѓумбир, за дрвото на диво манго, но и за понеобични работи како крв од верверичка, смачкана вошка од коса и други „крвави мириси кои привлекуваат тигри".
Според Асифа Маџид од Универзитетот Радбуд во Холандија, овие зборови се дел од секојдневниот говор на овие народи, со што се побива теоријата дека на мирисот не му треба јазик, затоа што мирисната информација наводно инстантно се прелева во расположенија, спомени или однесувања. Очигледно постојат култури кои имаат развиено богат речник на мириси, што овозможува не само нивно идентификување, туку и поинакво доживување на светот.
Така, Маџид раскажува дека кога таа го претставила колегата Никлас Буренхулт како нејзин брат, Џахаите ѝ советувале тие да не седат блиску еден до друг, бидејќи така нивните мириси би се помешале, што според нивните верувања е форма на инцест. И други табуа се објаснуваат преку мириси, на пример готвењето некои видови храна на ист оган е забрането, за да не дојде до мешање на нивните мириси.
„Заедно со нив шетав низ џунглата во тек на цветањето на дивиот ѓумбир. Цветот за нив мириса поинаку од стеблото, а и самото стебло им мириса на еден начин кога е недопрено, а различно кога ќе се скрши", вели таа. Кога изјавила дека за неа сето тоа мириса исто, некои од децата кои ја следеле искоментирале нешто во стилот: „Како можеш да бидеш толку глупава?".