Во популарната култура, древна Спарта главно е позната по нејзините бестрашни воини. Таа е исто така претставена како најдоброто грчко општество за жените, бидејќи граѓанките тука биле поедуцирани и имале многу поголема независност отколку оние во другите градови-држави. Но не само тоа - Спартанките биле уникатни во древна Грција и по тоа што им било дозволено да бидат мажени со повеќе од еден маж истовремено.
Древните извори укажуваат на ваквата практика, иако не е баш јасно колку таа траела и колку била раширена. Она што се знае е дека целта на бракот во Спарта било создавање на здраво потомство, па во еден таков систем вредноста на бракот се проценувала низ таа призма, со приоритет на способноста да се направат што повеќе и што подобро одгледувани деца.
Спартанците верувале дека најздравите деца произлегуваат од најздравите мажи и жени. Обата пола биле охрабрувани физички да вежбаат и да си го подобруваат потенцијалот како родители. Сопружниците биле намерно разделувани, согласно теоријата дека раздалеченоста ја зголемува желбата, а желбата води до правење деца. Оженет Спартанец продолжувал да живее со други мажи додека децата му биле мали, а подоцна родителските обврски биле споделувани од старна на сите мажи во општеството. Ова ја рефлектирало високо егалитарната структура за младите машки граѓани, од кои се очекувало да живеат, учат и да јадат заедно.
Ергенството било обесхрабрувано бидејќи подразбирало немање деца. Неженетите можеле да бидат терани да маршираат околу јавниот плоштад зиме, облечени само во туника, со пеење некаква сатирична песна. Спротивно на ова, мажите со три сина биле привилегирани да не служат војска, а оние со најмалку четири не плаќале никаков данок.
Еден начин на кој колективниот брак можел да функционира бил ако млада жена се омажела за постар маж. Бидејќи жената можела да се смета како поздрава од нејзиниот сопруг, парот можел да земе уште еден, помлад партнер. „Супериорните“ деца зачнати на овој начин припаѓале на домаќинството на постариот сопруг. Ова можело да биде опција за мажите кои сакале да останат ергени, но сепак требало да ја извршат својата обврска кон државата за правење деца.
Уште една можност било двајца браќа да имаат една жена, за да го ограничат раскрчмувањето на своето наследство. Жена со двајца сопрузи така можела да остане бремена додека еден од нив бил во војна.
За жал, немаме историски податоци од самите Спартанци, што мислеле за ваквите бракови, кои биле нивните искуства и дали би ни го препорачале ваквиот, на прв поглед малку ризичен тертип.