Во моментот кога човек ќе наполни 30 години шансата за умирачка двојно се зголемува на секои осум години. Дури и да има среќа да стигне до стотче, шансите за умирање пропорционално се зголемуваат со истата фрекфенција. Да не зборуваме за квалитетот на животот, кој се намалува поради здравствени проблеми, генерална истоштеност, когнитивен пад, губење на видот и слухот и други дегенеративни промени.
Сепак, во споредба со други цицачи луѓето имаат долг живот, најдолг во однос на сите копнени цицачи. Од сите останати единствено китовите живеат подолго од нас. Знаеме дека тие и делфините имаат менопауза и сите цицачи покажуваат некаков облик на репродуктивно опаѓање со возраста. Но други видови, како рептили, водоземци и риби не манифестираат знаци на стареење, како желки, саламадери и некои видови риби.
Студија од 2022 објавена во „Сајнс“ која вклучи 77 видови рептили и водоземци покажа дека зголемувањето на смртноста не е поврзана со возраста кај голем број од нив. Како овие животни воопшто да не стареат. За некои од нив истражувањето е речиси невозможно, како Грендланската ајкула, чиј животен век се проценува на речиси 400 години.
Засега можеме да кажеме дека барем помеѓу рептилите, водоземците и рибите, некои видови не само што живеат подолго од најдолговечните цицачи, туку стареат многу, многу побавно. Освен тоа, некои од нив и растат низ целиот живот а женките дури и кога се постари несат повеќе јајца, сосема спротивно од она што се случува кај цицачите. Овие животни умираат од друго - од предатори и од болести. Секако, повеќето животни во дивина не умираат од старост, а до 20 век и повеќето луѓе умирале од заразни болести или друг вид несреќи.
Причината за тоа зошто луѓето не живеат подолго некои истражувачи ја бараат во времето на диносаурусите. Пред околу 200 милиони години огромни вулкански ерупции збришале 76% од водните и копнените видови. Потоа диносаурусите станале доминантни предатори на копно. За да опстанат, цицачите станале мали, ноќни суштества кои биле кратковечни, но со високи стапки на репродукција, како глувците и стаорците. Повеќе од 100 милиони години тие биле близу дното на синџирот на исхрана, и често биле плен на поголемите животни. Во текот на овој период немало причина тие да поседуваат гени за долг живот, со системи за регенерација и поправка.
Според оваа теорија последиците од наметнатите биолошки ограничувања кои важеле тогаш се чувствуваат и денес. По изумирањето на диносаурусите, цицачите го освоиле светот. Тогаш нивниот животен век се продолжил, но тоа се случило врз основа на веќе постоечки ограничувања, остатоци од времето на диносаурусите. Со други зборови, нашите животни векови се такви какви што се поради нашата еволутивна историја.