Многумина веруваат дека вистината оди рака под рака со моќта, и дека разумноста на крајот сепак ќе ги победи водачите, религиите или идеологиите кои ја извртуваат стварноста. Велат дека вистината е најдобра стратегија за освојување на моќта, но за жал тоа е бајка. Вистината и моќта имаат многу посложен однос, затоа што во човечкото општество моќта подразбира две сосема различни работи.
Од една страна, моќта значи да се поседува способност за манипулирање на објективната стварност: да се лови дивеч, да се конструира мостови, да се лечат болести, да се прават атомски бомби. Тој вид на моќ е блиску поврзан со вистината. Ако верувате во лажна физичка теорија, нема да можете да направите атомска бомба.
Од друга страна, моќта исто така значи способност за манипулирање со верувањата на луѓето, што пак овозможува нивна ефикасна соработка. Изработката на атомската бомба подразбира не само добро познавање на физиката, туку и координирана работа на милиони луѓе. Хомо сапиенс ја освоил планетата Земја затоа што ние сме единствените цицачи кои се во состојба да соработуваат во големи заедници. Кооперацијата на мноштво поединци зависи од вербата во заедничките приказни. Но тие приказни не мораат да бидат вистинити. Милиони луѓе можат да се обединат во верба во целосно измислени нарации за бог, раса или економија.
Од дуалната природа на моќта и вистината произлегува необичниот факт дека ние луѓето знаеме многу повеќе вистини отколку други животни, но и веруваме во многу повеќе бесмислици. Истовремено сме и најпаметните и најнаивните жители на планетата. Зајаците не знаат за E=MC² или дека вселената е стара околу 13.8 милијарди години, а ни дека ДНК се состои од цитозин, гванин, аденин и тимин. Од друга страна, зајаците не веруваат во митолошки фантазии и во идеолошки апсурди преку кои во текот на историјата биле хипнотизирани неброено многу луѓе. Ниту еден зајак не би се согласил да се залета со авион во Светскиот трговски центар, убеден дека на оној свет го чекаат 72 зајачки девици.
Кога станува збор за обединувањето на луѓе околу заедничка приказна, измислицата всушност има три битни предности пред вистината. Прво, додека вистината е универзална, измислиците се главно локални. Ако ни е намерата да го разликуваме своето племе од странци, измислената приказна ќе се покаже како многу подобра ознака на идентитетот отколку вистината. Да речеме, ако нашите соплеменици ги учиме да веруваат дека „сонцето се раѓа на исток, а заоѓа на запад“, тоа звучи како многу лош племенски мит. Случајниот минувач во џунглата кој исто така мисли дека сонцето се раѓа на исток, може да биде приврзан припадник на истото племе, но може да биде и паметен странец кој до истиот заклучок дошол независно од нас. Подобро е да се учат соплемениците дека „сонцето е всушност око на огромна жаба која секој ден скока преку небото“, затоа што малкумина странци, колку и да се паметни, самостојно би дошле до истата идеја.
Втората огромна предност на фикцијата над вистината лежи во принципот на хендикепот, кој вели дека сигурните сигнали мораат да бидат скапи за оној кој ги емитува. Во спротивно измамниците лесно ќе ги имитираат. На пример, паунот-мажјак на женките им ја сигнализира својата физичка кондиција со раскошна опашка. Тоа е сигурен сигнал на кондиција, затоа што опашот му е тежок,гломазен и привлекува предатори. Само вистински способниот паун може да преживее и покрај таквиот хендикеп. Нешто слично се случува и со приказните.
Ако политичката лојалност се сигнализира со вербата во вистина, таквиот сигнал секој може да го имитира. Верувањето во будалести и бизарни приказни наметнува поголем товар, па оттаму е подобар сигнал на лојалност. Што докажува тоа дека на својот водач му верувате само кога говори вистина? Да му се верува на водачот дури и кога прави кули во воздух, е тоа е лојалност! Лукавите водачи понекогаш намерно кажуваат бесмислици за да ги одделат лојалните поданици од оние кои се вртат како што дува ветрот.
Третото, и најважното, вистината често боли и вознемирува. Оној кој не ја разубавува стварноста нема да има многу следбеници. Претседателскиот кандидат кој на американската јавност би и ја кажувал вистината, целосната вистина и ништо освен вистината за американската историја, гарантирано би ги загубил изборите. Истото важи за кандидатите во секоја друга земја. Колкумина Израелци, Италијанци или Индуси би можеле да ја сварат целата вистина за својата нација? Бескомпромисната приврзаност кон вистината е восхитувачка духовна пракса, но не сочинува победничка политичка стратегија.
Некој би рекол дека долгорочните последици на верувањата во измислени приказни сепак натежнуваат над нивната краткорочна предност во општествената кохезија. Наводно, кога луѓето еднаш ќе стекнат навика да веруваат во апсурдни фикции и пријатни невистини, таа навика ќе се пренесе на повеќе области, па тие како резултат на тоа ќе носат лоши економски одлуки, ќе усвојуваат контрапродуктивни воени стратегии и ќе бидат неуспешни во развојот на делотворни технологии. Иако тоа повремено навистина се случува, далеку е од општо правило. Дури и најекстремните зилоти и фанатици знаат како да ја одделат својата ирационалност, така за во некои области да веруваат во бесмислици, додека во други да бидат извонредно рационални.
Да ги земеме на пример нацистите. Нивната расна теорија била псевдонаука. Иако се обидувале да ја поддржат со научни докази, сепак морале да ја пригушат способноста за рационално мислење за да развијат уверување кое е доволно јако за да оправдува убиство на милиони луѓе. Но кога требало да се проектираат гасни комори или да се организира возен ред за Аушвиц, нивната рационалност недопрена изнурнала од мракот.
Истото важи и за голем број други фанатични групи кои се појавуваат низ историјата. Отрезнува фактот дека Научната револуцијата тргнала од најфанатичната култура на светот. Во време на Колумбо, Коперник и Њутн, Европа била густо населена со верски екстремисти, и на најниско ниво на толеранција.
Самиот Њутн изгледа повеќе време минувал во потрага по тајни пораки во Библијата отколку на проучување на физичките закони. Најголемите умови на Научната револуција живееле во општество кое ги протерува Евреите и муслиманите, ги пали еретиците, гледа вештерка во секоја постара жена со мачки и од време на време почнува нова војна.
Да сте патувале во Каиро или Истанбул пред 400 години би затекнале мултикултурни и толерантни метрополи во кои сунитите, шиитите, православците, католиците, Ерменците, Коптите, Евреите, па и по некој хиндуист живеат едни покрај други во релативен склад. Иако знаеле за неслога и побуни - и иако Отоманското цраство рутински ги дискриминирало луѓето по верска основа - тоа бил либерален рај во споредба со западна Европа. Да сте отпловиле потоа во тогашен Париз или Лондон, би ги виделе градовите западнати во верска нетрпеливост, каде опстануваат само припадници на побројната секта. Во Лондон ги убивале католиците; во Париз ги убивале протестантите; Евреите одамна биле протерани, а никому не му паднало на памет да ги пушти внатре муслиманите. Сепак, Научната револуција е започната во Лондон и Париз, а не во Каиро и Истанбул.
Способноста за „фиокизација“ на рационалноста веројатно прилично зависи од структурата на мозокот. Различните делови на мозокот се одговорни за различни модуси на мислење. Луѓето се во состојба потсвесно да ги деактивираат и да ги реактивираат оние делови на мозокот кои се пресудни за скептично мислење. Така Адолф Ајхман можел да го исклучи својот префронтален кортекс додека го слушал распалениот Хитлеров говор, а потоа да го рестартира кога требало да ги организира поаѓањата на возовите за Аушвиц.
Дури и кога деактивирањето на рационалните функции е скапо, предностите на зголемената општествена кохезија често се толку важни што измислицата рутински триумфира над вистината. На научниците им е тоа познато веќе илјадници години, затоа што и самите мораат да се одлучат дали да ѝ служат на вистината или на општествената хармонија. Дали би требало да тежнеат кон обединување на луѓето, грижејќи се секој да поверува во истата измислица, или треба да им ја објават вистината на луѓето дури и по цена на неединство? Сократ ја одбрал вистината, па е погубен. Најмоќните научни институции во историјата - било да ги сочинувале христијански свештеници, конфучијански мандарини или комунистички идеолози - го ставале единството над вистината. Затоа и биле толку моќни.
Јувал Ноа Харари, Њујорк Тајмс
Види претходно: Букбокс читанка за „Хомо Деус“ од Харари