Јапонскиот премиер Шинзо Абе со години ги поддржува кампањите за промовирање на имиџот на „Кул Јапонија“ и сите Јапонци на кои им оди добро. Така, се очекуваше дека Коре-еда, ако ништо друго, барем ќе добие телефонски честитки кога ја oсвои Златната палма за „Крадци“ (Shoplifters) и откако беше номиниран за Оскар. Но што е она што ги нервира јапонските власти, кои не само што не му честитаа на режисерот, туку во еден момент изгледаше и дека ќе се спротивстават на дистрибуцијата на неговото дело во земјата?
Тема на филмот е животот на необично поврзано семејство кое живее во сиромашна традиционална дрвена јапонска куќа без прозорци, чии жители се трудат да преживеат од денес за утре. Меѓу другото и со ситни кражби по локалните продавници, кои се оправдуваат со тоа што производите на штандовите „не се ничии додека некој не ги купи“, и дека кражбата е дозволена ако тоа не предизвикува нечиј банкрот. Најпрвин се петмина (мајка-татко-син-ќерка-баба), додека во соседството не откријат мало премрзнато и гладно девојче, чии родители физички ја малтретираат. Тогаш, и покрај ризикот да бидат прогласени за киднапери, одлучуваат да ја приберат кај себе и да ја третираат како дел од семејството.
И покрај тоа што филмот не е правен според една единствена реална приказна, режисерот вели дека бил инспириран од вистински приказни за неколку семејства, кои за да преживеат или заеднички крадат, или ги мамат властите непријавувајќи починат член на семејството за да продолжат да ја земат неговата пензија. При истражувањето за филмот тој консултирал невладини организации, а посетил и дом за деца-жртви на семејно насилство.
Но истовремено Коре-еда отворено ја критикуваше администрација на Абе, особено во однос на притисоците кои тој ги врши врз јапонските медиуми, за тие да не емитуваат критички настроени вести и информации во врска со кандидатите на неговата, Либерално-демократска партија. Ова е сигурно една од причините што премиерот не е воодушевен од него, а од друга страна беше брз во честитањето кога Казуо Ишигуро ја доби Нобеловата за литература, и покрај тоа што овој писател поголемиот дел од животот го има поминато во Англија, не е државјанин на Јапонија и не зборува добро јапонски.
Но додека самиот Абе мудро молчи, неговите политички сојузници остро го критикуваат филмот и режисерот, обвинувајќи го за промовирање на крадењето, оправдување на криминалот и правење политичка пропаганда. И ова само затоа што „Крадци“ не е аниме, или не ја прикажува сјајната Јапонија полна со роботи и врвна технологија, не е за тинејџерки кои пеат во скудна облека, туку за една страна на Јапонија за која особено Европејците малку знаат - онаа за сиромашните и маргинализирани жители на оваа земја. Според статистиките едно од шест деца во Јапонија живее во сиромаштија, исто како и половина од семејствата на самохрани мајки. „Кароши“ или смрт заради прекумерна работа е хроничен проблем, а последните „трудови реформи“ на Абе легализираат 100 часа прекувремена работа месечно, 20 повеќе од препораките на Министерството за здравство и труд.
Оттаму, филмот ги прикажува реалните проблеми на современа Јапонија кои некој сака да ги затскрие. На пример на работниците кои немаат постојана работа, и што се случува ако некој од нив се повреди на работното место, при што нема бенефиции додека да заздрави, туку едноставно е оставен самиот на себе. Бабата ја посетува локален мешетар кој ѝ врши притисок да ја даде колибата на градежна компанија која тука би изградила висококатници, а кога таа умира, бидејќи нема пари за асален погреб или за кремирање, таа завршува закопана во дворот. Не е ни чудо што јапонските власти не би сакале ваквиот имиџ на нивната земја да излезе во јавност, и тоа на голема врата - во филм кој е во конкуренција за Оскар.