Зошто инсектите се почувствителни отколку што изгледаат?

Тоа дека една лебарка или винска мушичка би можела да има чувства, дури и за басна звучи претерано. Но како што се трупаат докази за истото, изгледа ќе треба да се преиспита нашиот емоционално потценувачки став кон овие суштества.

Едно есенско утро во 2014 извесен Дејвид Рејнолдс држел говор на значаен собир, пред градското собрание на Чикаго. Како човек задолжен за дезинсекција на јавните згради, Рејнолдс требало да го образложи буџетот кој го барал за следната година. Но само што почнал да зборува, на ѕидот до него се појавила дебела лебарка - нејзиното сјајно црно тело било забележливо во контраст со млечно белиот ѕид. Просто стоела таму, и како да протестирала, на општ сеир и воодушевување на присутните. 

Анегдотата е смешна затоа што најчесто за инсектите мислиме како за мини-роботи, кои немаат способност да бидат комични или игриви. Но дали е тоа навистина така?

Во последно време почнуваат да се трупаат докази дека инсектите можат да искусат впечатлив опсег чувства. Можат (буквално) да зујат од задоволство доколку искусат пријатни изненадувања или да паднат во депресија кога ќе им се случат лоши нешта кои не можат да ги контролираат. Можат да бидат оптимистични, цинични, во паника и да реагираат на болка како кој и да е цицач. И иако никој се уште не идентификувал носталгичен комарец или саркастична мравка, секоја година емоционалната комплексност на овие видови како сè повеќе да ни се разоткрива.

Скот Вадел е професор по невробиологија на Универзитетот Оксфорд. Тој, на потсмев на многумина, најпрвин почнал да работи на емоциите на овошните мушички. Но денес овој концепт и не е толку неверојатен како некогаш. Овошните мушички обрнуваат внимание на она што го прават оние блиску до нив и можат да учат од нив. Инсектите се разновидна група од шестножни безрбетници - постојат милиони типови, од молци, пчели, штурци, богомолки, пеперутки, дури и крлежи. Тие можат да имаат некои од истите органи како луѓето, на пример срце, мозок, јајници или тестиси, но им недостасуваат бели дробови и стомаци. Содржината на нивните тела е некаков вид „супа“, која ја носи храната, а го чисти отпадот. Сето ова е заштитено со оклоп, егзоскелет, кој е составен од истиот материјал кој печурките го користат во градбата на своите тела. 

Архитектурата на нивните мозоци следи слична шема. Инсектите ги немаат истите мозочни региони како ’рбетниците, но имаат области кои вршат слични функции. На пример, голем дел од учењето и меморијата кај нив се потпира на тн. „печуркести тела“, мозочни региони кои се споредуваат со човечкиот кортекс. Разликата е во големината на мозоците, зависно од видот. Овошните мушички имаат мозоци со големина на семе од афион. 

Сепак, самото постоење на нешто како мозок не го објаснува и опсегот на емоции кои инсектите наводно ги имаат. Нивните истражувачи со внимание користат термини за нивно опишување, и долго време се расправале дали за мравка може да се користи, на пример, терминот „мотивација“. Денес за инсектите се вели дека се „емоционални примитивци“, односно покажуваат чувства во рудиментарна форма. Но сепак ги покажуваат. 

Овошните мушички користат допамин исто како нас, за да поттикнат чувства на награда и казна. Уште посоцијалните инсекти, како пчелите, можат да развијат чувства на оптимизам или песимизам, произлезени меѓу другото од нивните „животни искуства“. Во експеримент една група пчели била „тресена“ односно вознемирена, а друга била оставена раат. На обете потоа им биле нудени зашеќерени посластици. Онаа трауматизирана не отварала уста очекувајќи ја ужинката, односно тие пчели станале по „цинични“. 

Лесно е човек да се идентификува со ова, нели? 

извор

30 ноември 2021 - 08:11