Зошто има толку малку филмски секс со актери над 60 години?

Дали навистина повозрасните немаат желба и потреба за секс, или филмаџиите едноставно го прескокнуваат овој момент, само затоа што не е убав „за око"?

Шарлот Ремплинг беше номинирана за Оскар за главна женска улога во филмот „45 години" во кој една од највпечатливите сцени е онаа во која таа и нејзиниот сопруг, и двајцата во раните седумдести, се обидуваат да имаат секс. Според режисерот, секаде кадешто е прикажуван филмот во тој момент во салата настапувала чудна тишина. Што е толку необично во тоа да се имаат сексуални желби во староста?

До пред неколку години не само сексот помеѓу повозрасни, туку и нивните љубовни врски беа ретки филмски теми. Сето тоа изгледаше дека ќе го промени „Љубов" на Ханеке, кој ја освои Златната палма во 2012. Се појавија дури и популарни филмови на оваа тема и нивни успешни продолженија, како „Бест егзотик Мариголд", но во нив камерите никогаш не влегоа во спалните соби на возрасните љубовници, со тоа сигнализирајќи дека можеби сексуален живот помеѓу нив и нема.

Комедијата е најчест начин како Холивуд ги потретира овие ликови. Во Sоmething's Gotta Give од 2003 има секс сцена помеѓу Дајан Китон и Џек Николсон, но вицот е што ликот на Николсон, кој е вообичаено заинтересиран само за помлади жени, мора да користи Вијагра.

Во It's Complicated (2009), исто така комедија, подмладениот сексуален живот на поранешни сопрузи, Мерил Стрип и Алек Болдвин, иако е важен елемент на филмот, никогаш не се прикажува апла. И во претходниот и во овој случај не е баш јасно зошто, бидејќи и Болдвин и Стрип, исто како и Дајан Китон, во тоа време биле во своите педесети.

Режисерот на „45 години", Ендрју Хејг, има свое објаснување на тоа зошто ваквиот филмски секс е табу:

„Нашите први врски со постари луѓе се најчесто оние со нашите баби и дедовци. Тие главно не зборуваат за секс, па оттаму не сфаќаме дека кај нив можеби постои ваква потреба или желба".

Д-р Ребека Џонс, која специјализира во областа на повозрасната сексуалност, на некој начин го потврдува ова, велејќи дека кога гледаме секс помеѓу старци веднаш помислуваме или на нашите родители или на нашите баби и дедовци, и ваквата ментална асоцијација нè спречува да ја примиме вистинската порака на сцената, која ако е добро направена е реалистична и кажува многу за животот на постарите генерации.

Ова секако не е модерна предрасуда - уште кај Аристофан, во „Женско собрание" од 391 п.н.е. жените го освојуваат атинскиот парламент и донесуваат закон дека ако некој маж сака да спие со помлада жена прво мора да води љубов со постара. Од тој момент па до Шон Конери (70) со кого флертува Кетрин Зета Џонс (30) во „Стапица" од 1990 имаат поминато векови, но ваквите комбинации уште се во најмала рака необични. Сепак, постар маж/помлада жена воопшто не е или е помалку скандалозно од помлад маж/постара жена, а реалистични сцени во кои обата актери се повозрасни се ретки дури и во европските филмови вон мејнстримот. Еден од таквите е германскиот „Облак 9", (фото горе) нежна драма за двајца постари жители на Берлин чии секс сцени предизвикаа остри реакции.

Сепак, и покрај потребата од третирање на темава на филмско платно, она околу што сите (или барем мнозинството) се согласува е дека сака да гледа млади и здрави тела како се препелкаат во кревет. Не за друго - така полесно забораваме на нашата сопствена старост.

Не знаеме за вас, ама нам Хелен Мирен во вакво издание, на пример, ни е многу кул

 

Добар текст на македонски, за третманот на љубовта во зрели години, и на филм и во книжевноста тука

24 март 2016 - 12:35