На крајот на 19 век, градот Бјалисток, кој некогаш бил полски, па пруски, па руски и денес повторно дел од Полска, бил мултикултурен град, со голем број Полјаци, Германци, Руси и Евреи. Секоја група зборувала различен јазик и ги гледала членовите на другите заедници со доза сомневање.
Со години Л. Л. Заменхоф, Евреин од Бјалисток кој учел за доктор во Москва, сонувал за начин овие различни групи лесно и мирољубиво да комуницираат меѓу себе. На 26 јули 1887, тој објавил нешто што денес се нарекува „Прва книга“ (Unua Libro), преку која го промовирал и опишал есперантото, јазик кој долго време самиот го обликувал, со надеж дека преку него ќе промовира мир помеѓу луѓето во светот.
Речникот на есперантото главно се состоел од англиски, француски, грчки, италијански, латински, полски, руски и јидиш зборови, со оглед на тоа што Заменхоф овие јазици најдобро ги познавал. Граматички, тој главно бил повлијаен од европските јазици, но интересно е дека некои од иновативните аспекти имале врска со црти кои се наоѓаат во азиски јазици, на пример кинескиот. Идејата била есперантото да не биде замена за мајчиниот јазик, туку универзален втор јазик. Заменхоф се откажал од какви и да е лични авторски права и прогласил дека есперантото е „сопственост на општеството“. Помеѓу 1907 и смртта во 1917, тој 14 пати бил номиниран за Нобел, иако никогаш не го добил престижното признание.
По Првата светска војна, Лигата на нациите - претходникот на ОН - била формирана со надеж дека ќе може да спречи идни конфликти. Кратко време потоа, иранскиот делегат во Лигата предложил есперантото да биде прифатено како јазик на меѓународните релации.
Но францускиот делегат ставил вето на предлогот, поради стравот дека на тој начин францускиот ќе го загуби својот престиж во дипломатијата. Во 1922, француската влада отишла чекор понатаму и го забранила есперантото на сите француски универзитети, поради тоа што преку него наводно била ширена комунистичка пропаганда.
Но животот на есперантистите не бил многу полесен и зад Железната завеса. Во СССР, тие биле прогласени за дел од „меѓународна шпионска организација“. Голем број биле прогонувани а подоцна исчезнале во време на Сталин. Што се однесува до Хитлер, есперантото бил доказ за еврејска завера за преземање на светот. Гестапо издал наредба да се трага по потомците на Заменхоф. Неговите три деца биле убиени во холокаустот.
И покрај сето ова, во 1954 УНЕСКО донела резолуција со која ја признала соработката со Универзалното здружение за есперанто, со која се отворила можноста за подоцнежното воведување на есперантото во наставните програми во различни земји. Со години есперантото бил странски јазик кој стоел на располагање на кинеските универзитети. УНЕСКО ја прогласи 2017 за година на Заменхоф.
Денес, јазикот го зборуваат само малубројни ентузијасти низ светот, но сепак онлајн стојат на располагање голем број ресурси. Постои и Википедија на есперанто, која содржи повеќе статии отколку данските, грчките или велшките верзии на страницата.