Името на знакот за параграф, или на англиски pilcrow, доаѓа од грчкото paragraphos, кое преку стариот француски и англиски некако ја добило денешната форма. Во 200 година од нашата ера нов пасус бил означуван со поголем број симболи - од едноставна линија, преку буквата К (за kaput - латински за глава), за во 12. век К-то да биде заменето со С за capitulum („мала глава"), односно ознака за поделба на текстот на помали поглавја.
(Извадок од Villanova, Rudimenta Grammaticae, кој содржи вакви знаци за нов пасус, околу 1500 година)
Во доцните средовековни текстови, параграфот станал орнаментален симбол цртан со големо внимание, најчесто со светло црвено мастило, и тоа од „рубрикатори" - специјализирани писари кои откако ќе го добиеле оригиналниот ракопис од „обичните" писари во кои биле оставени празни места, го дополнувале со текст напишан со црвено мастило, заради украс, но повеќе заради потенцирање на некои значајни места. Изразот „рубрикација" доаѓа од латинското рубрико - боење црвено.
Раните печатени книги биле дизајнирани така што во нив имало место за рачни рубрикации, вклучувајќи места на почетокот од секој пасус за спомнатиот знак. Но како што печатењето добивало во обем, веќе се немало време ваквите знаци да се доцртуваат, па наместо нив останувале само празните места.