Унгарскиот претседател, Виктор Орбан, зборува за војна на два фронта - против миграцијата и против вирусот; Доналд Трамп за војна против „кинескиот“ вирус, нарекувајќи се себеси воен претседател; Емануел Макрон, обраќајќи се на населението, во тек на 20 минути неколку пати повторува - „Ние сме во војна“.
Како ова влијае на луѓето? Кои се психолошките последици?
Во текст за белградско Време (со претплата), Јелена Јоргачевиќ се обидува да одговори на прашањето дали може за вирусот да се зборува поинаку и поконструктивно, и на кој начин.
Таа го наведува примерот на Инес Олса, истражувачка во Институтот за култура и општество на Универзитетот Навара во Шпанија, која откако ги слушала говорите на лидерите на различни земји кои зборувале за „координирана стратегија“, „конечен пораз на вирусот“ и „силниот непријател“, покренала иницијатива ReframeCovid, за да ја ограничи ваквата милитантна реторика и да понуди друга.
„Метафоричките изрази кои ја експлоатираат воената рамка можат да бидат ефективни во првата фаза на кризата, за луѓето да ја сфатат сериозноста на ситуацијата, да се повикаат на дисциплина и да останат дома. Нo нивното одржување може да има контраефекти, да доведе до несакани чувства и исти такви политички состојби“, изјавила спомнатата истражувачка. Освен тоа, воената состојба е борба на доброто против злото, на црното и белото, па размислувањето за нијансите може да се сфати како дефетизам. Секоја критика уште во старт се отфрла, а оние кои зборуваат против власта, која ете се обидува да спаси човечки животи, а приори се дисквалификуваат.
Секако, текстот на Јоргачевиќ се осврнува и на дискурсот на српскиот претседател, чии говори создаваат такво когнитивно сценарио според кое моменталната пандемија е продолжение на српските војни, од балканските па до оние на крајот на минатиот век. Токму тензичноста на регионот и неговото минато прави милитантните метафори да се доживуваат уште понагласено отколку на пример во скандинавските земји. Според лингвистката Александра Саламуровиќ, прекумерната употреба на војната како асоцијација на излегувањето на крај со кризата во Србија моментално е целосно нефункционална од аспект на поттикнување на граѓаните на посакувано однесување, кое не треба да се состои од панично празнење на продавници и гледање на другите како на противници.
Тогаш, каква би била соодветната и конструктивна употреба на јазикот? Како кога му се претставува некој предизвик на петгодишно дете, и за оваа состојба може да се зборува како за патување или како за задача. На еден кинески портал нивната „борба“ против вирусот е опишана на следниов начин: „Кина и светот веслаат на иста река на која има и ветришта и бранови“. Ова метафорично сценарио, на патувањето, ја става во прв план крајната цел, која е позитивна, но и заедништвото во стигнувањето до неа. Од европските политичари на овој начин до сега зборува, на пример, Ангела Меркел, која пандемијата ја анализира како проблем кој треба да се реши, без патетика, без заплашување и без обвинувања. Можеби затоа што жената, освен што е политичарка, е истовремено и научник.