Љубезен и неуморен во одговорите, тој во неформалниот муабет нафрли и една интересна поента за врската помеѓу архитектурата и идеологијата. Пред само два дена вратен од Москва, Жижек тврди дека единственото убаво во архитектурата таму е остаток од СССР. Па сепак, според него, луѓето не се свесни дека голем дел од неа нема врска со ништо руско. Советските архитекти биле фасцинирани од она што при крајот на 1920-тите и почетокот на 1930-тите се случувало во САД, особено по официјалното пуштање во употреба на Емпајр стејт билдинг во 1931, со скалестата купола на врвот, која истовремено овозможувала и подобра статика од претходните висококатници кои оделе само во висина, а и (од аспект на Русите) поставување на некаков симбол на врвот на таа структурна хиерархија.
Ова го илустрира со примерот на таканаречената Палата на Советите, проект за конгресна сала и административен центар во Москва, близу Кремљ, кој никогаш не е остварен. На конкурсот, кој траел од 1931-1933, победил проектот на еврејско-советскиот архитект Борис Иофан, со неокласичен концепт, кој доколку бил изграден би бил највисоката структура на светот во тој период. Градежните работи започнале во 1937, но биле прекинати од германската инвазија во 1941. Темелите на Палатата биле искористени за нешто што подоцна ќе стане најголемиот базен на отворено, Московскиот.
Според Жижек оваа Палата во голема мерка е инспирирана од спомнатата Емпајр стејт (онаа на која се качува Кинг Конг уште во првиот филм од 1933). А влијанието во уметноста на линија САД-Русија не се однесувало само на архитектурата. Иако во 1930-тите не се вршело увоз на американски филмови во СССР, холивудскиот метод на континуирана монтажа им бил познат на советските кинематографи. Тие го базирале филмскиот социјалистички реализам на овој стил, кој обезбедувал непрекинато течење на дејствието. Истовремено, постоел обид за правење на „руски Холивуд“, големи студија и филмски екипи кои би живееле и работеле на местото, некаде на Крим, кој бил прекинат од војната. Ова се само некои од примерите како Русите всушност ја копирале Америка, односно ги користеле нејзините шеми и методи, само во контекст на сопствената, сталинистичка идеологија.
Провоциран дали и новата архитектура во Скопје е „сталинистички барок“, одговорот на Жижек беше дека нашиот е „покосмополитски“, „поеклектичен“. Но како што уредувањето на домот кажува нешто за луѓето што живеат во него, и уредувањето на јавниот простор кажува нешто за оние кои со него владеат. Така, дури и помалку упатениот може да ја почувствува вистината за одредено општество - со тоа што ќе погледне во најблиската зграда од прозорецот на хотелот.