Проектот се вика „Мој живот, моја приказна“, и е поддржан од Одделението за ветерански прашања на владата на САД. На сајтот на ова тело се вели дека интересните, често трогателни приказни кои овие луѓе можат да ги раскажат, а најчесто немаат кому, можaт да фрлат светлина на нивната општа здравствена состојба. Освен што на ветераните им се овозможува да се социјализираат со волонтерите, тие исто така низ муабетите можат да откријат и значајни клинички информации.
Ваквата пракса е воведена во 2013 во болницата за ветерани Вилијам С. Мидлтон во Медисон, Висконсин. До сега се направени над 200 интервјуа, од кои се синтетизирани исто толку нарации во прво лице од по 1000 зборови, за медицинскиот персонал да може ефикасно да ги дознае најбитните моменти од животот на пациентите.
Методот на работа е следен: вработени во болницата и обучени волонтери прават интервјуа со пациентите и пишуваат кратки приказни за нивните животи. Интервјуата, во етнографски жаргон, се од типот „отворени“, што значи дека постои список на теми, но не и на конкретни прашања. Ветераните се оставени слободно да зборуваат за она што сакаат, а интервјуата почнуваат со реченицата: „Што би сакале да знаат за вас како човек оние кои се грижат за вас во болницата?“.
Она што луѓето го кажуваат може да има големо влијание врз третманот. На пример некој ветеран можеби добива лекарства и нега како за депресија која произлегува од неговото служење во војска. Но кога ќе се прочита неговата приказна можеби ќе се види дека тој бил единствениот кој се грижел за своите родители кои неодамна починале, и дека тој всушност не е трауматизиран од војската. Оваа информација може да го промени начинот на кој лекарите ќе ги толкуваат изворите на неговата состојба и да го смени нивниот пристап.
Приказната, откако ќе биде одобрена од пациентот, влегува во неговото електронско медицинско досие, и секој од болничарите или лекарите може да го види. Тие вообичаено добиваат пристап до голем број медицински податоци, но никаде не можат да најдат податоци за личноста на пациентот, за неговата професија, семејна состојба, вредности и ставови, што понекогаш се покажува како многу поважно отколку некаква бројка за висина на холестерол
Идејата за проектот е на д-р Елиот Ли, кој специјализирал во оваа болница во 2012. Бидејќи вообичаената ротација на специјализанти трае само една година, Ли сакал да најде начин да им помогне на новите, млади доктори побргу да влезат во тек со пациентите и да ги дознаат не само нивните здравствени истории, туку и личните информации, како хобија и кои од болничарите најдобро ги познава. На овој начин животната сторија станува алтернативна „лична карта“ на пациентот и може да му помогне побргу да оздрави.