Кога го започнале своето истражување на забниот камен на остатоци од средовековни вилици, Анита Радини (Универзитет во Јорк) и нејзината соработничка Кристина Варинер (Институт Макс Планк) немале намера да се занимаваат со уметност. Првата ја интересирале гранули на скроб што би укажало на видот на исхрана во тој историски период, а втората сакала да проучува ДНК на древни орални бактерии. Но кога во 1000 години стариот забен камен на една вилица забележале траги од лапис лазули, не можеле а да не ја следат трагата на ова откритие.
Станува збор за ултрамарин, пигмент кој пред еден милениум можел да се добие само од „синиот камен“ со потекло од Авганистан. Тогаш оваа сина боја се плаќала во злато. Била користена главно за боење на облеката на Богородица во средовековните ракописи. А се нашла во забите кои биле проучувани најверојатно бидејќи тие припаѓале на сликар или препишувач и илустратор на таквите списи.
Која била таа личност? Најпрвин, била жена. Според датирањето со радиоактивен јаглен, живеела околу 997-1162 година, и била закопана во женски манастир во Далхајм, Германија. Така, овие вградени сини честички во нејзините заби откриваат заборавена историја на средовековните ракописи - тоа дека нив не ги правеле само монаси, туку и монахињи. И очигледно некои од овие жени биле многу добри во својот занает, штом користеле толку скапоцени и ретки пигменти како ултрамаринот.
Секако, некои се скептични и ја отфрлаат идејата дека некоја жена би можела да биде способен сликар, па уште и да ѝ биде даден ултрамарин. „Сигурно била чистачка“, велат тие. А можеби приказната е поинаква: брилијарно илустрираните ракописи биле направени од жени, но потпишани од мажи, или оставени непотпишани.
Ако пигментите можат да бидат сочувани во забен камен - она што некогаш на забар нè тераат да го вадиме со ултразвук, и боли - тоа значи истото би можело да важи и за метали и други бои. Така би можело да се идентификуваат занаетчии, дрводелци и други професии, што отвара нови патишта во археологијата. Варинер продолжува со проучувањето на честичките вградени во стар забен камен, и до сега во него пронашла разни работи, од полен од егзотични цвеќиња, до опиум, парчиња волна и млечни протеини, кои раскажуваат приказни за начинот на живот на овие луѓе. Не сакаме да знаеме што би дознале археолозите од иднината од нашиот забен камен...