Иво Андриќ - еден од најдобрите светски писатели на 20 век. Ингмар Бергман - еден од најдобрите режисери на 20 век. Навидум секој со своја географија и биографија. Но текст на Мухарем Баздуљ во „Време" (со претплата) ја раскажува приказната за жената заради која нивните животни патишта се допираат.
Ингмар е роден летото 1918, 26 години по Андриќ. Во исто време едно девојче по име Гунвор Маријана Хагберг полни две години. Родена во Остерготланд во Шведска, таа завршила гимназија во родното место, по што заминува во „големиот град" - Стокхолм. Таму наоѓа работа во државната лотарија и се школува за балерина, истовремено отфрлајќи ја опресијата карактеристична за животите на жените од генерацијата на нејзината мајка.
За жал заради повреда на зглобот прекинува со балетот, иако имала неколку забележителни соло улоги. За неволјата да биде поголема, во исто време ја губи и работата во лотаријата. Сепак наскоро ќе добие нова - како службеничка во издавачката куќа Алберт Бонијер. Во 1941, кога големата војна веќе го зафаќа поголемиот дел од Европа, таа се мажи со инженер по име Хуго Грут. Истовремено Андриќ, тогаш амбасадор на Југославија во Берлин, се враќа во Белград. За време на војната ги пишува славните „Травничка хроника", „Мостот на Дрина" и „Госпоѓица". Воените четириесетти за Бергман пак се обележaни со театар и со првиот брак со актерката Елза Фишер, како и раѓањето на првата ќерка. Гун при крајот на војната веќе има два сина. Тогаш Бергман ја напушта првата сопруга и се жени со нејзината колешка, актерката Елен Лундстром со која наскоро имаат дури 4 деца.
По војната Гун почнува да пишува за најтиражниот скандинавски весник Експресен, а соработува и со неделник за филм. Студира словенски јазици на Универзитетот во Упсала. Тие години Бергман режира неколку филмови, меѓу кои и еден со исто име како и расказ на Андриќ - Жед. На снимањето на „Радост", кој зборува за криза во брак на двајца виолинисти (а најверојатно за бракот на самиот Бергман), Гунт доаѓа со колешка, за да направи репортажа. Неколку часа откако прв пат се виделе, Бергман и Гун одат на прошетка. Наскоро тој ја остава жената и четирите деца, а таа мажот и двете деца.
Еве како ја опишува Бергман во својата автобиографија:
„Таа отсекогаш беше голема девојка, од прва класа: убава, висока, спортистка, со изразито модри очи, широка насмевка, со убави и полни усни, се одликуваше со отвореност, гордост, духовна целовитост, со женска сила".
Сепак, и покрај страсната љубов, Бергман неколку пати ја изневерува, а потоа ја напушта и се жени по четврт пат. Во тој момент Андриќ се жени прв и последен пат, за по десет години да остане вдовец.
Во животот на Андриќ Гун влегува во 1960. Таа од Стокхолм му пишува писмо на коешто тој веднаш одговара:
„Драг г-дин Андриќ,
Имам чест да Ве известам дека го преведов Вашето ценето дело - романот „Мостот на Дрина" од српскохрватски на шведски. Бидејќи имам намера летово да ја посетам Југославија, би ми било мило да се сретнам со Вас, особено затоа што во план ми е да преведам уште едно Ваше дело"
Во следните 11 години, таа и Андриќ интензивно се допишувале и помеѓу двајцата се создала врска на доверба и блискост. Кратко по нивниот прв контакт Андриќ ја добива најважната светска награда за книжевност. Таа тогаш станува негов личен „амбасадор" во Стокхолм, а во 1963 добива награда на Шведската академија за книжевен превод, најугледната награда од тој вид во земјата.
Во меѓувреме често навраќа во Југославија, меѓу другото и во куќата на Андриќ во Херцег Нови (фото горе). На неа се љубоморни речиси сите сопруги на тогашни писатели, а приморските жители доаѓањето на Швеѓанката во кратки памучни фустанчиња го доживувале како голем настан.
Во 1971 таа гине токму на југ, помеѓу Херцег Нови и Дубровник, во автомобилска несреќа. Бергман никогаш не може да се прибере од шокот, а Андриќ во преписките со пријатели на оваа тема е многу повоздржан, иако според описите на ликот на Гун човек би требало да биде камен за да не се потресе, и од неа кога била жива, и од нејзината трагична судбина. Во најмала рака, тој загубил приврзана преведувачка, без чиј удел во неговата кариера тој можеби и никогаш не би ја добил Нобеловата - членовите на Комитетот, имено, го читале на шведски, во одличниот превод на Гун.
* На Википедија статија за Гун Бергман/Гун Грут има само на шведски.