„Арета ни помогна да го дефинираме американското искуство. Во нејзиниот глас можевме да ја почувствуваме нашата историја, секоја нејзина нијанса - нашата моќ и нашата болка, нашиот мрак и нашата светлина, потрагата по искупување и тешко заработената почит. Нека кралицата на соулот почива во вечен мир“
Вака напиша Барак Обама на неговиот Твитер профил за жената со професионална кариера подолга од половина век, за којашто пак Трамп, изразувајќи сочувство на семејството, изјави дека била „личност која добро ја познавал, и која често работела за него“. Нејзините песни не само што беа на врвот на топ листите, туку станаа и дел од репертоарот на голем број други изведувачи. Таа е првата жена примена во Рокенрол халата на славните, со 88 хитови на листата на Билборд. Имаше добиено 18 Греми награди, вклучително и онаа за најдобра ритам и блуз пејачка која ја освојуваше осум години по ред.
Но нејзините песни беа многу повеќе од само „популарни“. Имаше тука и повик на бунт (како во „Почит“ напишана од Отис Рединг), сексуалност (како во „Правиш да се чувствувам како вистинска жена“) или поддршка на жените-жртви на семејно насилство, како во „Мисли“, која ја има напишано со нејзиниот бивш сопруг Тед Вајт.
Голем дел од нејзиниот репертоар беа госпел химни, но и преработки на познати песни кои, како во случајот со Џони Кеш, со нејзиниот глас добиваа поинакво значење („Еленор Ригби“ на Битлси или „Мост над разбранувана вода“ на Сајмон и Гарфанкел). Имаше и бројни дуети, како оној со Џорџ Мајкл, или овој со Мејвис Стејплс со која заедно ја пеат „О, среќен ден“.
Госпелот бил традиција во семејството на Френклин, чиј татко бил свештеник и национално познат госпел пејач. Таа ја одбила неговата понуда за часови по пијано и самата научила да свири, а првите снимки ги направила на 14 годишна возраст. Но вистинската кариера и почнала во 1960-тите кога ја открил Џон Хемонд, истиот оној кој е одговорен за подемот на Били Холидеј, Боб Дилан и Брус Спринстин. Кариерата која следела била помешана со турбулентен приватен живот - два пати се разведувала и имала четири сина (првиот го родила на 15, а вториот на 17 години). Велела дека рецептот за здрава исхрана ѝ се прашоци за слабеење и млади мажи.
Го добила претседателскиот Орден на слободата од Џорџ Буш во 2005. А претходно, во 1986, нејзиниот глас бил прогласен за американско национално богатство. Дури има и астероид со нејзиното име.
Неколку години се мачеше со здравствени проблеми и откажуваше концерти. Нејзиниот последен албум, „Сосема нова јас“ е комбинација на оригинални снимки на Арета со модерни музички аранжмани од Лондонската кралска филхармонија. Еве таква верзија на I Say A Little Prayer