Jувал Ноа Харари

Здравје или слобода?: светот за време и по коронавирусот

Бурата ќе помине, но нашите животи можат долгорочно да се променат. Ако самите не покажеме одговорност, тоа ќе биде оправдување за наметнување засилен надзор и губење на приватноста, кои нема да бидат само привремени.

Авторот на „Сапиенс“ и „Хомо деус“, кој се смета за еден од највлијателните светски интелектуалци во моментов, вели дека одлуките кои поединците и владите ќе ги донесат во следните неколку недели веројатно ќе го моделираат светот на иднината. Притоа, прашањето не е (само) како да се надмине непосредната закана, туку во каков вид свет би сакале да живееме кога ќе помине бурата. Затоа што тој и со и без нашата одлука ќе биде различен.

Пренесуваме делови од подолг текст објавен во Фајненшл тајмс.

***

За да се сопре епидемијата, цели популации треба да се придржуваат на одредени насоки. Има два начина да се постигне тоа. Еден метод е владата да ги следи луѓето и да ги казнува оние кои ги прекршуваат правилата. Денес, прв пат во човечката историја, технолгоијата овозможува да се следи секој, цело време. Пред педесет години, КГБ не можеше да следи 240 милиони советски граѓани, 24 часа дневно, ниту пак можеше ефикасно да ги процесира сите собрани информаци. КГБ се потпираше на човечки агенти и аналитичари, и не можеше да има толку „следачи“ за сите. Но сега владите можат да се потпрат на сензори и моќни алгоритни наместо на морничави типови од крв и месо.

Среде борбата против епидемијата неколку влади веќе имаат употребено нови средства за надзор. Најзабележителен пример е Кина. Преку детално мониторирање на телефоните на луѓето, тие искористија стотици милиони камери за препознавање на ликови, ги обврзаа да ја проверуваат својата телесна темепратура и медицинска состојба и да известуваат за неа, со што не само што можеа бргу да ги идентификуваат сомнителните носители на корона, туку и да ги следат нивните движења и да го идентификуваат секој оној кој дошол во контакт со нив. Неколку мобилни апликации ги предупредуваа граѓаните дали во нивна близина има инфицирани пациенти.

Но оваа технологија не е ограничена на источна Азија. Премиерот на Израел, Бенџамин Нетанјаху, неодамна ја авторизираше разузнавачката служба на оваа земја да употреби технологија за надзор вообичаено резервирана за борба против тероризам. Кога релевантниот парламентарен подкомитет одби да ја изгласа мерката, Нетанјаху ја протна како „итен декрет“.

(...) Она што изгледаше како научна фантастика во врска со технологијата на надзор пред 10 години, сега е стара вест. Како мисловен експеримент, замислете хипотетична влада која бара секој граѓанин да носи биометричка алка која му ја следи телесната температура и срцевата работа 24 часа дневно. Податоците се складираат и анализираат од владини алгоритми. Алгоритмите ќе знаат дека сте болен дури и пред вие да го знате тоа, и исто така ќе знаат каде сте биле и со кого сте се сретнале. Синџирите на инфекција можат драстично да се скратат, па дури и да се сузбијат. Ваквиот систем веројатно би ја сопрел епидемијата за само неколку денови. Звучи прекрасно, нели?

Но лошата страна, секако, е дека ова би му дало легитимитет на ужасен нов систем на надзор. Ако знаете на пример дека сум кликнал на линк на Фокс њуз наместо на Си-ен-ен, тоа може да ви каже нешто за моите политички гледишта и за мојата личност. Но ако можете да следите што ми се случува во телото (температура, крвен притисок и срцево биење) додека гледам некое видео, можете да научите што прави да се смеам, што прави да палашам, и што навистина ме прави гневен.

Суштинско е да се запамети дека лутината, радоста, досадата и љубовта се биолошки феномени исто како и треската и кашлицата. Истата технологија која го идентификува кашлањето го идентификува смеењето. Ако корпорациите и владите почнат да ги „жнеат“ нашите биометриски податоци, тие можат да нè запознаат многу подобро отколку што се познаваме себеси, и можат не само да ги предвидат нашите чувства но истовремено да ги манипулираат и да ни продаваат се’ што сакаат - без оглед дали е тоа производ или политичар. Во споредба со биометричкиот надзор, хакирањето на податоците на Кембриџ аналитика изгледа како нешто од камено доба. Замислете ја Северна Кореа во 2030, кога секој граѓанин мора да носи биометричка алка 24 часа дневно. Ако го слушаш говорот на Големиот лидер и алката регистрира знаци на лутина, готов си.

Секако, може да се зборува за биометрискиот надзор како за привремена мерка која се презема во вонредна состојба. Тој би престанал кога кризата ќе заврши. Но привремените мерки имаат лоша навика да траат и после вонредните ситуации, особено затоа што секогаш има некоја нова итна ситуација на хоризонтот. Мојата татковина Израел, на пример, објави вонредна состојба во текот на својата војна за независност од 1948, која оправда голем опсег привремени мерки, како цензура на медиумите и конфискација на имот, до специјални правила за правење пудинг (не се зезам). Војната за независност одамна е добиена, но Израел никогаш не прогласи крај на вонредната состојба, и не укина голем број „привремени“ мерки од 1948 (ова со пудингот за среќа беше поништено во 2011).

Дури и кога инфекциите од корона ќе бидат на нула, некои влади гладни за податоци можат да речат дека треба да ги одржуваат биометриските надзорни системи поради страв од втор бран, или затоа што има некој нов ебола вирус во централна Африка, или затоа што...сфаќате на што мислам. Изминативе години се водеше голема битка за нашата приватност. Кризата со коронавирусот би можела да биде точка на прекршување. Затоа што кога на луѓето им се дава избор помеѓу приватност и здравје, тие најчесто го бираат здравјето.

Но токму ова е и проблемот, затоа што тоа е лажен избор. Можеме да уживаме и во приватност и во здравје. Можеме да избереме да го заштитиме нашето здравје и да ја сопреме епидемијата не преку воспоставување тоталитарни режими на надзор, туку преку тоа што ќе им дадеме моќ на граѓаните. Во претходните недели некои од најуспешните напори за сузбивање на епидемијата беа вложени од страна на Јужна Кореа, Тајван и Сингапур. Иако и тие користеа апликации за следење, многу повеќе се потпираа на екстензивното тестирање и на чесното известување, како и на доброволната соработка на добро информираната јавност.

Централизираното следење и тешките казни не се единствениот начин за луѓето да се придржуваат на правилата. Кога ним им се кажуваат научни факти, и кога луѓето им веруваат на експертите кои им ги кажуваат овие факти, граѓаните можат да донесат правилна одлука дури и без Големиот брат да им дише во врат. Самомотивираната и добро информираната популација најчесто е многу помоќна и ефикасна отколу контролираната, неинформирана популација.

(...) Но за да обезбедите вакво ниво на придружување до правилата и соработка, луѓето треба да имаат доверба. Да веруваат на науката, на јавните експерти, на медиумите. Изминатите неколку години неодговорни политичари намерно ја сузбиваа довербата во науката, во експертите и во медиумите. Сега истите тие неодговорни политичари можат да бидат во искушение да го фатат патот на авторитарноста, велејќи дека не може да ѝ се верува на јавноста дека ќе ја донесе правилната одлука.

Вообичаено, доверба која била нагризувана со години не може да се воспостави преку ноќ. Но ова не се нормални времиња. Во момент на криза, мислењата можат бргу да се променат. Може да имаш големи недоразбирања со семејството кои траат со години, но кога ќе се случи нешто неочекувано, одеднаш откриваш скриен резервоар на доверба и блискост, и секој се обидува да помогне. Наместо градење на режим на надзор, не е доцна повторно да се изгради довербата на луѓето во науката, експертите и медиумите. Дефинитивно треба да ги користиме и новите технологии, но тие треба да им се дадат на граѓаните. Се согласувам да ја следам мојата телесна температура и крвен притисок, но тие податоци не треба да се користат за создавање на семоќна влада. Наместо тоа, податоците треба да ми овозможат да направам подобри лични избори, и да барам одговорност од властите за нивните одлуки.

Оттаму, епидемијата на коронавирусот е голем тест на граѓанство. Во следните денови, секој до нас би требало да одбере да им верува на научните податоци и на здравствените експерти, а не на неосновани теории на заговор и на самодоволните политичари. Доколку не успееме да го направиме вистинскиот избор, можеби ќе мораме да се откажеме од своите најскапоцени слободи, сметајќи дека тоа е единствениот начин за заштита на нашето здравје.

Јувал Ноа Харари (целиот текст тука)

23 март 2020 - 12:46