Седиш во нотарска канцеларија, а во позадина, закачени на плутена табла, еден куп кончиња што личат на мартинки. Си велиш ок, можеби ги делеле на 1 март на клиенти па им останале. Но кога нотарката посегнува по едно од нив и со него вешто ги подврзува документите, сфаќаш дека тоа е она што се става како гаранција на заверените документи.
- Како се вика кончево? - Емственик.
Обичното гуглање покажува дека зборот постои во Дигиталниот речник на македонскиот, дефиниран како „сигурносен црвено-жолт конец со кој се поврзуваат нотарските акти“. Се појавуваат куп фирми што продаваат цели котури, со истата боја која не е случајна, туку се дефинира согласно боите на знамето на конкретната држава. Во српскиот се појавува како „јемственик“ или „јамственик“, a во англиско-македонскиот речник на офф.нет „емство“ е еден од преводите на кауција или bail.

Зборот „јемство“ (како и формите „јемац“, „јамчење“) има многу постара историја од современото право и потекнува од старословенскиот јазичен и општествен контекст. Во основа, коренот е во старословенското „јети“ (јати) – што значи „да се земе“, „да се фати“, „да се преземе“. Така, „јемац“ е оној што го презема товарот – гарантира, одговара или застанува зад некого или зад нешто.
Но кaде исчезнало ј-то во македонскиот? Според изданието „Семантичка деривација на одбрани прасловенски корени“ од Зузана Тополињска и Марјан Марковиќ (МАНУ, 2019):
„Во перфективна форма анализираниот прасловенски корен: *јę- на македонска почва зема форма -ем-, чиј репрезентативен претставник е глаголот зема/зеде (*јьз-јьм-), инхоатив [форма што означува почеток на некоја состојба или дејство] со значење ‘почнува да има; фаќа нешто за да го има’.“
Тоа е лингвистичкото толкување. Сега етнолошкото или историско-правното: во предмодерните балкански општества, особено во средновековниот и османлискиот период, емството не било само правна формалност, туку дел од поширока култура на чест, доверба и заедничка одговорност. Во услови кога државните институции биле ограничени или локациски далечни, односите меѓу луѓето се регулирале преку лични гаранции. Овој човек (јемецот или емецот) имал многу конкретна улога: можел да гарантира дека некој ќе се појави пред суд или пред власт, дека конкретен долг ќе биде вратен или дека некој нема да направи штета. Ако лицето за кое гарантирал не ја исполнело обврската, тој можел самиот да ја сноси последицата – финансиски, па дури и со лична одговорност. Во некои случаи, емството било поврзано и со колективни форми, на пример, цело село или род да гарантира за некој свој член. Да се биде емец значело дека имаш доверба во заедницата, но и дека ризикуваш сопствена репутација.
Во османлискиот правен систем постоел концептот „кефил“ (арапско-турски еквивалент), кој функционирал многу слично на јемацот. Во локалната пракса, овие системи често се преплетувале: формалното право и обичајното право коегзистирале.
Со развојот на модерните држави и законодавства во 19 и 20 век, овие односи постепено се формализирале. „Јемството“ односно емството станува правен институт (гаранција, поручителство), со јасно дефинирани обврски и ограничена одговорност. Но зад тој правен термин и денес стои старата идеја: некој да застане зад друг – и да преземе одговорност во негово име.