Еден од нејзините најтазе испади е говорот којшто го одржала на конференција организирана од некој либерален весник, на тема врската помеѓу државното финансирање и културната продукција.
„Секогаш ми велат дека треба да го почнувам говорот со цитат, што создава впечаток на начитаност. Па, еве го - како што вели славниот кинески филозоф Сун Цу: Кат д булшит“.
Но не се само израелските интелектуалци повредени што таа им се обраќа како на толпа идиоти, што им вели дека се „гз’лаци“ и „неблагодарни“. Наречена „одечки ѕид со графити“, таа е полна со изјави кои се лесни за цитирање, што заради нивната скандалозност, што заради нивната луцидност. Понекогаш во текот на говорите од чанта вади израелско знаме и го вее на сцената, а во еден случај прво ги одвела новинарите да се помолат на Ѕидот на плачот пред да им даде интервју. Кога културњаците се жалат дека не им дава пари, таа одговара со тоа што министерството не би смеело да служи „како банкомат“, особено не за финансирање на веќе етаблираните и моќни институции. Она што таа сака да го поддржи е тн. „источна“ култура, што значи културата на еврејските заедници од муслиманските земји на Блискиот Исток и во Северна Африка, како и онаа на сефардските Евреи кои се иселиле за Шпанија и Португалија (тн. „Мизрахи“).
Овие заедници влегле во Израел во масовни бранови по неговото основање во 1948, што предизвикало демографски промени - еврејското население, до тогаш Ашкенази, сега станало повеќе од 40% Мизрахи. „Автохтоното“ население, од пред формирањето на државата, било главно младо, секуларно и иделистички настроено. Наспроти тоа, доселениците биле големи семејства од традиционални општества, без знаење на хебрејски, и необразовани. Од тогаш датира и културната доминација и чувството на супериорност на Ашкеназите, кои сега Регев сака да ги сузбие.
Нејзините ставови често се нарекуваат „шарени“, бидејќи се и контрадикторни. Таа им се спротивставува на Ашкеназите и на левичарите, а е мажена за Ашкеназ, левичар. Вели дека имигрантите се „рак-рана на израелското општество“, ја претставува „максималистичката“ политичка десница, но активно ја поддржува ЛГБТ заедницата. Самата си го опишува карактерот преку една парабола: повеќе жаби се заглавени на дно на бунар. Една од нив се обидува да избега. Сите други ѝ се дерат, дека џабе се труди, затоа што нема шанси да успее. Жабата сепак успева и се искачува по ѕидот до слободата. Затечени, другите ја прашуваат како успеала. „Што? Не ве слушам“, им рекла жабата, која всушност била глува.
Таа „глува“ жаба е во постојана комуникација со своите гласачи, и лично им одговара на Фејсбук, честитајќи им ги дури и родендените. И тоа, според неа, е дел од културната револуција, и приближување на елитата до народот.