Кептн Сенсибл го памтиме по една песна чиј рефрен одеше „Ши сед кептен, ај сед вот!“. Неговото родено име е Рејмонд Јан Брнс, денес има 66 години, а во 1980-тите членуваше во британскиот панк бенд „Демнд“. Беше препознатлив по црвената беретка и наочарите за сонце.
Како и многумина музичари од тоа време, некаде по пат го загубивме од вид. Но во 2006 тој да ти формирал политичка партија под името Бла! (сосе извичникот), чија цел била да биде „партија на протестот“, низ која Британците би можеле да го изразат незадоволството од секојдневните глупости и од тогаш актуелните политички водачи.
Главното начело на партијата била директна демократија, со тоа што секој можел да даде предлози на нејзиниот официјален сајт. Потоа членството гласало за нив, на тој начин креирајќи постојано обновлив манифест. Почетните принципи вклучувале „превенција на асоцијалната култура кај младите и стоп на идолизација на глупи славни личности како Бекамови, Парис Хилтон или Џејд Гуди (учесничка во ТВ шоуто Биг Брадер)“. Сепак во нивната програма имало и посериозни политики, против војната во Ирак, пренамена на воени средства за јавен транспорт, борба против продавање на британски компании на меѓународни конгломерати и обновлива енергија. Добиле поддршка од фабрика за производство на чипс, па нивното лого се нашло на ќесичките на Сибрук криспс.
Името на партијата требало да биде симбол на „она што ти доаѓа на памет кога ги слушаш големите лидери како го дрндаат истото ѓубре“. Нивни кандидати имало на два локални избора, првиот во 2007, во Брадфорд, каде тој добил вкупно 69 гласа или 1.6%. А во 2008 заменичката шеф на партијата, во друга изборна единица, добила 38 гласа или 0.68%, по што дала оставка. Истата таа претходно била поврзана со уште една екстравагантна британска партија, по име „Партија на официјалниот монструм-рејвинг лудак“.
Во 2008 Бла! ја затвора својата веб страница, се отпишува од регистарот партии и останува протестна група.