„Александру Македонски е романски поет, писател и новинар со македонско потекло, често именуван како најпознат и највлијателен романски поет после Михај Еминеску“. Вака почнува македонската Википедија страница што ни ја испрати читател (фала Сашо А. и тој што нему му пратил) за човек кој излезе дека го знаат сите запрашани Романци бидејќи го „учеле на сколија“.
Александру бил роден на 14 март 1854 во Букурешт, тогаш Влашка, во семејство со потекло од Македонија, чија етничка припадност зависи од тоа која Википедија страница од 23-те посветени на него ја читате - на српската неговиот дедо, Димитрија Македонски бил „Србин или Цинцар“, на бугарската има и опција да бил Бугарин или Арумун (Влав), а неодредена е и романската верзија, додавајќи дека членовите на семејството тврделе дека имаат потекло од српски револуционери од Македонија кои се бореле против Отоманска Турција.
Како дете, Александру бил болежлив, со постојани напади на екстремна нервоза, до степен на губиток на свест. Родителите го испратиле во интернат, каде се покажал како одличен ученик и каде почнал да ги пишува првите песни. Еден од клучните моменти е смртта на неговиот татко, кој се викал исто така Александру, а за когошто се верувало дека бил отруен од политичките опоненти - ништо чудно, бидејќи бил генерал со образование од Руската империја, а во еден момент ја вршел и функцијата Воен министер.
По завршувањето на средното училиште младиот Александру патувал низ Австро-Унгарија, посетувајќи ги Виена и Швајцарија. Неговата цел била да се подготви за влез во Универзитетот во Букурешт, но всушност времето го минувал боемски, што му предизвикувало и здравствени и финансиски проблеми. Сепак, останал активен во областа на политичкото новинарство, а преведувал и про-либерални француски автори. Поради своите политички ставови често бил на тапет, па бил дури и апсен од тогаш владеачката конзервативна партија (иако подоцна во животот ќе смени страна). По обидите да влезе во политиката и бројните контроверзи, заминува за Париз и почнува да пишува поезија на француски, приклучувајќи му се на францускиот симболизам. Пишувал и натуралистички кратки раскази и уредувал бројни книжевни списанија, постојано живеејќи во сиромаштија со семејството.
Во меѓувреме се занимавал и со научни експерименти! На крајот на 1908 испратил свои наводни докази во Институтот на Франција според кои светлината не патува низ вакуум (онака како што тогаш се разбирал овој термин). Работел и на астрономски теми и бил член на ваквото здружение во Франција. Патентирал апарат за гасење на оџаци, а му бил поддршка на еден од синовите кога овој почнал да произведува вештачки бисери.
И тоа не е сè. Се интересирал и за окултизмот и парапсихологијата, тврдејќи дека човек може да ја спречи смртта кога неговиот внатрешен глас ќе му каже дека неговата судбина се уште не е исполнета. Изгледа дека во 1920 таквиот внатрешен глас сепак не се јавил, бидејќи Александру тогаш починал - последната желба му била да помириса рози.
Рондо на розите што умираат
Време е на розите што умираат,
Умираат во градините, умираат и во мене,
Толку беа полни со живот, нели,
А денес секоја роза се распаѓа лесно.
Со трепет на жал и тивка сенка,
Нивниот мирис се губи во здивот на есента,
И како спомен што бледнее во темнината,
Ливчињата паѓаат, неми и кревки.
Во градините сè уште тлее нивната боја,
Но срцето знае дека крајот е близу,
Како што розите венеат во здивот на времето,
Така и нешто во мене згаснува тивко.
Време е на розите што умираат,
И нивната смрт тивко одекнува во мене.
Во оригинал и на англиски тука