Ни убав, ни верен

Загубено во преводот

30. септември е меѓународен ден на преводот, според католичкиот календар празник на Св. Џером, библискиот преведувач кој се смета за заштитник на oваа професија. Епа нека ни е на помош на сите кои се занимаваме со оваа работа.

Универзалниот преведувач", прв пат опишан во научно-фантастичната новела на Мареј Лејнстер „Првиот контакт" од 1945, е апаратче или компјутерски софтвер кој најчесто се користи во научно-фантастичните телевизиски серии од типот на Стар Трек, за да се скрати времето кое било потребно за превод на дијалозите помеѓу главните јунаци и ним туѓите култури. Фиктивни описи на ваквиот револуционерен пронајдок имало и во Доктор Ху, Автостоперскиот водич низ галаксијата и Неуромансер.

Kако што често бива, она што некогаш било фантазија, денес е реалност. Гугл трајнслејт, колку и да е неизбрусен, се користи масовно, од новинари до интернет љубовници кои не го зборуваат добро јазикот на другиот. Алатката е искористена дури и при судски процес - кога на едно судење во Британија овластениот преведувач не се појавил на закажаното рочиште, обвинетиот бил известен за одложувањето токму преку користење на Гугл транслејт.

Oва е супер ако треба да исомуницирате нешто прилично базично, или да добиете некакво површно знаење за она што е напишано. Но работите стојат полошо ако е во прашање сериозен текст каде и најмалата нијанса во преводот може да предизвика недоразбирање. Гардијан пишува за неодамнешно интервју со Ноам Чомски кое се појави во турскиот печат. Дневниот весник Јени шафак (Нова Зора) го интервјуирал професорот во врска со ситуацијата во Египет преку електронска пошта, а потоа ги преведувал неговите одговори на турски, очигледно автоматски. Во објавениот транскрипт се појави следната реченица: „Напротив, кога сè млеко пристаниште, дури тогаш Западот ќе почне да паничи".

Млеко што? Било потребно некое време да се сфати од каде произлегува грешката: зборовите "süt" и "liman" на турски одделно навистина значат млеко и пристаниште, но заедно формираат идиом кој означува „смиреност". Така, еден човечки преведувач би ја превел реченицата како „Напротив, кога сè ќе се смири, дури тогаш Западот ќе почне да паничи".

За да ги намалат трошоците компаниите често прибегнуваат кон автоматски преводи, кои потоа се ревидираат од живи луѓе. Но од големиот број добитници во оваа формула, за жал преведувачите не се едни од нив. Наоѓајќи се на дното од производствениот синџир, тие имаат сè помалку маневарски простор на пребукираниот пазар.

Сепак, машините се уште можат да преведуваат само зборови, но не и значења, и не се способни да сфатат концепти, апстракции или културни референци. Машинскиот превод не прави разлика помеѓу стилот на некое книжевно ремек дело или прирачник за користење машина за перење. За него тоа е едно и исто. Алгоритмите добро функционираат со податоци, но дали можат да излезат на крај со синтакса, идиоми или нијанси? Секој превод, колку што треба да е точен, толку треба и да е елегантен. Или како што вели популарната изрека, да биде како идеална жена (читај: маж) - и убав и верен. Дури и командант Спок би се согласил со тоа.

29 септември 2013 - 18:37