Чоколадо, јагоди, школки...сето ова наводно има моќ на природен начин да ја стимулира сексуалната желба. Но етноботаничарот Јан Г. Р. Елферинк сугерира дека списокот може да се прошири, со афродизијаците кои ги користеле древните Инки и Ацтеки.
Нивниот интерес за оваа тема не бил толку во контекст на способноста за сексуален чин, колку на плодноста. На нивните империи им биле потребни војници, со кои би се гордееле нивните големи семејства. Иако имале строги правила поврзани со сексот, вклучително забрани за неверство и истополови врски, обете култури имале богови поврзани со сексуалноста. На пример, ацтечката божица Тлазолтеотл била поврзувана и со поттикнување на страста, и со казнувањето на сексуалните гревови.
Ацтеките им припишувале афродизијачки својства на голем број растителни производи, вклучувајќи ги цветовите наречени „утринска слава“ (morning glory, на сликата горе), како и пијалокот направен од какао, атекстли, кој содржел дополнителни состојки во форма на зачини. На листата биле и кикириките, но не сите, туку само одреден вид. Еден вид печурка, теонанакатл (денес наречена пахарито на шпански) била асоцирана со сексуалните работнички, иако не е јасно дали ја консумирале тие или нивните муштерии.
Сепак, најсилните афродизијаци биле од животинско потекло. Taка, за скапоцен се сметал дел од „мазакотл“, или „еленска змија“ - огромен влекач кој според митологијата живеел на стрмни ридови и планини, со рогови на главата, кој со својот здив можел да привлече зајаци, елени и луѓе. За ова фиктивно суштество пишувал шпанскиот францискански монах Бернардино де Сагун во 16 век, во своето дело „Фирентинскиот кодекс“. Во него тој предупредил дека маж кој ќе испие преголемо количество од тинктура направена од мазакоатл „постојано е во ерекција и постојано си го исфрла семето, сè додека не умре од истоштеност“. Речиси исто толку опасна била темолин, огромна бубачка, која додуша реално постоела, и веројатно содржела кантаридин, истиот токсин кој се наоѓа во озлогласената „шпанска мушичка“.
Што се однесува до афродизијаците на Инките, тука податоците се поскудни. Сепак постојат информации дека за оваа цел биле користени чили пиперчиња, ларви од инсекти, како и птицата јанта-јанта, која била високо токсична и опасна.
Инките сметале дека неколку растенија со медицински својства имаат две форми - машка, која иницира сексуална желба и женска која има спротивен ефект. Всушност, паралелно со афродизијаците, и Ацтеките и Инките имале анафродизијаци, кои ја спласнувале сексуалната желба, на пример кај војници кои требало да се фокусираат на битките, наместо да мислат на оставените девојки и сопруги дома.