Се викал Мартин Луис, и бил австралиски емигрант кој се преселил во Њујорк 1909. Се издржувал со држење часови по цртање и графика, а еден од неговите ученици бил денес славниот Едвард Хопер, со кого станале добри пријатели и изложувале заедно на помали изложби.
Луис почнал со примена на техниката на длабок печат во 1915, а неговите графики станале барани од страна на елитата на источниот брег. Додека и двајцата се обидувале да се пробијат во престижниот уметнички круг на Њујорк, Хопер го замолил Луис да му ги покаже графичките техники, и на некој начин да му биде ментор. Помогнало и тоа што и двајцата биле инспирирани од ноќниот живот во американската метропола.
Сепак, подоцна, Хопер ја отфлил идејата дека Луис имал извршено некакво влијание врз него, или дека бил негов учител. Наспроти ваквото тврдење на биографот во каталог за изложба во Питсбург на врвот на кариерата на Хопер, тој тврдел дека Луис е само негов добар пријател, кој му дал само неколку „чисто механички“ совети во врска со графичката постапка. Сепак, во тој момент двајцата уметници веќе не биле пријатели - според сопругата на Едвард, Џозефин, Луис и неговата жена Лусил престанале да контактираат со нив откако Хопер станал славен, бидејќи „не можеле да го поднесат тоа“.
Скоро 50 години по смртта, графиката „Игра на сенки“ (слика горе) се продала за 50,400 долари на аукција во Њујорк, рекордна цена за овој уметник. Се претпоставува дека голем број негови слики кои се наоѓаат во приватни колекции допрва ќе се откриваат. И покрај тоа што навистина потсетуваат на сликите на Хопер (или вториве на нив), графиките на Луис имаат некој помрачен квалитет, деталност и исполнетост, што прави да жалиме што не го добил заслуженото признание за време на животот.