Заборавениот роман што го предвиде хоророт на нацизмот

Англиска авторка на почетокот на 1930-тите доаѓа на гости кај пријатели во Баварија. Целата атмосфера ја опишува во книга која предупредува дека нацизмот кој доаѓа ќе има катастрофални последици. Насловот на книгата е - „Прекршен крст“.

Современите автори пишуваат за почетокот и текот на Втората светска војна базирано на документи, писма и искази на сведоци и учесници. Но со оглед на биолошката старост на последниве, светот веќе нема да види ново прозно дело базирано на лични искуства од тоа време. Ова е една од причините зошто препечатувањето на подзаборавени дела на оваа тема е многу важно. Такво оваа пролет е „Прекршениот крст“ на Силвија Сели Карсон, млада Англичанка, која инспирирана од посета на пријатели во Баварија во раните 1930-ти напишала роман за мугрите на нацистичката тиранија во мал германски град. 

Главни ликови се членовите на фиктивното семејство Клугер кое живее во планините јужно од Минхен. Нивните животи во текот на само шест месеци - од Божик 1932 до летото 1933 - се уништени. Карсон го напишала романот набрзинка, а тој бил објавен во 1934, само една година од она што го опишува во него. Критиките биле пофални, а авторката ја преиначила книгата во драма која се прикажувала во театар во Бирмингем во 1935, а потоа две години подоцна на лондонскиот Вест енд. За жал таа во 1941 починала од рак на гради, а романот паднал во заборав. 

Дејствието почнува кога Ханс и Роза Клугер и нивните три возрасни деца (една ќерка и два сина), се собираат на Божик. Животот е тежок во Германија во текот на Депресијата. Хер Клугер нема земено плата во поштата кадешто работи, а најстариот син Хелми нема работа. Сезонскиот ангажман на Ерих како инструктор по скијање подразбира понижувачко излегување на крај со каприците на богатите жени. Сепак, празник си е празник и сите се обидуваат за миг да ги заборават проблемите. 

Божикните декорации се опишани во детали, заедно со минлива референца на „сликата на Хитлер“ на едниот од синовите поставена на пијаното и декорирана со зеленило. Целата сцена прави читателот да верува дека ништо не може да ја растури оваа семејна идила. 

Еден месец подоцна, Хитлер станува канцелар а Хелми е награден за својата приврзаност кон нацизмот, станувајќи локален партиски секретар. Потенцијалниот зет за ќерката, Мориц, е Евреин, и тој е избркан од клиниката во Минхен кадешто работи како доктор.

Карсон покажува сочувство со сите ликови, па дури и за Хелми кој е чувствителен и совесен човек но сепак запаѓа во стапиците на една зла идеологија. Неговата сестра пак верува дека Хитлер ќе биде сменет и останува на одлуката да биде покрај својот избраник. 

Наместо со доаѓањето на пролета нештата да станат подобри, семејството запаѓа во уште поголем мрак. Ерих ја напушта својата работа на инструктор за да се приклучи на „кафените кошули“ и се прави важен шетајќи низ градот во униформата и чизмите. Хер Клубер, ветеран од Првата светска војна, останува скептичен. Идеалистичниот Хелми прируствува на наци собир и е восхитен. Карсон пишува: „Немаше никакво предупредување за уништувањето кое може да биде предизвикано со ослободување на таа моќ за којашто тој сега викаше и се застапуваше исто толку агилно колку и другите...Хитлер за нив беше како некој брилијантен херој; бог...Нивните раце го прикажуваа истиот симбол - шума од подадени кафени раце со прсти кои прикажуваат кон малиот бог со мустаќи како четка за заби. Хајл Хитлер!“.

Не сите современици на Карсон биле подготвени да го слушнат предупредувањето содржано во нејзиното дело. Кога драмата се префрлила на лондонската сцена во 1937, некои во Британија ја оцениле како анти-германска, а канцеларијата на лорд Чемберлејн инсистирала секое „Хајл Хитлер“ да биде отстрането. Голем дел од британскиот естаблишмент од тоа време верувале во мирна коегзистенција со режимот во Берлин. 

8 мај 2025 - 14:13