Њу Ордер биле само едни од многуте њу вејв и пост-панк бендови кои го преминале Атлантикот со посредство на девојката по име Рут Полски. Во текот на нејзиниот „мандат“ како трагач по таленти во тогаш познатите ноќни клубови на Менхетен, Хуреј и Дансетерија, таа била прва која ризикувала со тогаш сосема непознати бендови како Simple Мinds, Echo and the Bunnymen, Smiths, Psychedelic Furs и многу други. Во момент кога диското и рокот сè уште доминирале на топ-листите, Полски имала отворено уво за свежи звуци, и ги повикувала овие бендови во САД пред повеќето други клубови да се осмелат да го сторат истото.
Басистот на Њу Ордер, Питер Хук, раскажува дека Рут не се грижела само за свирките, туку и за целосното доживување на бендот - на пример да имаат подебело сечени, британски пржени компири, а за десерт, 10 линии кокаин. Дваесет години по британската музичка инвазија на САД од 1960-тите, букинзите на Полски иницирале нова генерација англофили. За жал, заради прераната смрт, не доживеала да го сведочи успехот на андерграунд бендовите кои ги поддржувала, и останува заборавена, иако крајно значајна фигура во музичката историја на Њујорк.
Родена во 1954, Полски била едно од четири деца. Опседната со музика од мала, таа дипломирала англиски, а во текот на студиите пишувала колумна за школскиот весник, па дури и го интервјуирала Брус Спрингстин. Се преселила во Лондон во доцните 70-ти, известувајќи за списание од Њу Џерси за тогаш актуелната панк сцена. Кога се вратила во САД и станала талент-букер во Хура, нејзините контакти и знаење биле неспоредливи. Со музичарите се дружела и приватно, а имала врска со спомнатиот Хук од Њу Ордер.
За жал, на 7 септември 1986, Рут загинала во несреќа пред клубот Лајмлајт, каде го чекала брат ѝ кој требало вечерта таму да свири со бендот. Такси излетало од патот, смачкувајќи ја. Имала само 31 година. На погребот присуствувале бројни музичари, а оние кои не можеле да бидат таму испратиле букети. Њу Ордер исвириле цел концерт во нејзина чест во декември 1986, а парите отишле за помош на семејството. Кратко време потоа она што до тогаш било „алтернатива“ доживеало пробив, благодарејќи, во голема мерка, токму на Рут Полски, од која денес е тешко да се најде дури и асолна фотографија.