
Драмата „Вера или Нихилистите“ на Оскар Вајлд е речиси непозната, дури и меѓу неговите најголеми обожаватели. Напишана е во 1879 година и лабаво се темели на вистинска приказна за 22-годишната руска револуционерка Вера Засулич, која се обидела да го убие шефот на полицијата во Санкт Петербург. Кај Вајлд, дејството е пренесено во Москва, а главната хероина Вера Сабурова предводи група нихилисти со цел да го ликвидираат царот. Нова претстава која се подготвува за септември во театарот Брокли Џек Студио во Лондон го заживеа интересот за овој текст.
Драмата требало да се изведе исто така во Лондон во 1881 година. Но, вистинското убиство на царот Александар II во март истата година, како и фактот дека тогашниот Принц од Велс бил оженет со сестрата на новата царица, принцезата Дагмар од Данска, ја осудилe драмата на заборав. Врската помеѓу британските и руските кралски семејства била релевантна поради очигледни политички и дипломатски причини, особено по спомнатиот атентат кој на необичен начин бил „предвиден“ во претставата. Да се постави ваква претстава, која го слави политичкото насилство секако би било цензурирано од соодветните органи и би било толкувано како навреда кон руската страна. Но дури и кога конечно била изведена во Њујорк во 1883 година, претставата била пречекана со потсмев и по неколку аматерски обиди, сосема заборавена.
И покрај очигледните слабости, делото има свои интересни аспекти – особено во начинот на кој ја открива поделеноста во самиот Вајлд. Денес често ја разгледуваме таа поделба низ призмата на неговата сексуалност, но тука се гледа и конфликтот меѓу неговата радикална и естетска природа. Во зрелите дела овие две страни се хармонично споени во духовита критика на општеството. Но во „Вера“ тие сè уште се во судир: драмата е полна со страствени говори против тиранијата и патетични химни за слободата. Вера во еден момент воскликнува: „О, моќна мајко на вечноста, твојата облека е пурпурна од крвта на оние што умреле за тебе.“
Најинтересниот лик во делото е принцот Павле – премиер на Русија, апологет на царизмот и мајстор на цинични фрази. Тој говори во прецизно извајани реченици, како „Искуството е името кое луѓето им го даваат на своите грешки“ и тврди дека врвната дипломатија е како правење совршена салата – треба точно да знаеш колку масло оди со оцетот. Тој е претходник на ликовите како лордот Хенри Вутон во „Сликата на Доријан Греј“ и сите оние лежерни аристократи што ги исполнуваат Вајлдовите комедии со духовити афоризми.
Од една страна, Вајлд го слави револуционерниот жар, а од друга дотераниот циник кој вели: „Животот е премногу важна работа за да се зборува сериозно за него.“ Оваа внатрешна спротивставеност меѓу етика и естетика не е уникатна за Вајлд. И Хенри Џејмс, во романот „Принцезата Казамасима“ од 1885 година, ја истражува истата поделба, но на посуптилен начин. Главниот лик Хајасинт Робинсон е син на англиски аристократ и француска работничка и неговиот живот е исто толку поделен колку и неговото име. Преку запознавање со принцезата, тој развива апетит за луксуз, но истовремено останува посветен на социјалната правда и се приклучува на револуционерна група, слична на онаа во „Вера“.
Иако Џејмс не го симпатизирал Вајлд и во 1895 година дури одбил да потпише петиција за ублажување на неговата казна, тие сепак имаат повеќе заедничко отколку што се мисли. И кај двајцата се јавува истото прашање: како да се помири желбата за менување на светот со љубовта кон неговата култура? Или едноставно речено – како да се најде рамнотежа меѓу социјализмот и стилот?