На почетокот на 20 век еден учен и сестран човек се зафатил со превод на првиот дел на „Дон Кихот“ на класичен кинески. Неговиот потфат бил дотолку поинтересен што тој не зборувал ниту шпански, ниту кој и да е друг западен јазик. Му помогнал пријател, кој имал прочитано два или три англиски преводи.
Така, Лин Шу во 1922 ја објавил „Приказната за маѓепсаниот витез“, за која, поради погоре наведените причини, не може да се каже дека е баш превод, туку повеќе адаптација на славното дело на Сервантес. Сепак, ова било прво претставување на книгохоличниот витез на кинеската публика.
По речиси 100 години, Шпанија ја возвраќа услугата со витешки потег - со превод на преводот на Лин на шпански, што коинцидира со 405-годишнината од смртта на Сервантес.
Лингвистичкиот потфат почнал пред осум години, откако Институтот Сервантес во Пекинг изложил неколку предмети во сопственост на кинески колекционер кој поминал 20 години копајќи по пазари и книжарници по кинески изданија на Сервантес. Помеѓу нив била и спомнатата приказна на Лин - „мала скапоценост, иако делувала како обична тетратка“. Со помош на колекционерот и на професорка по класична кинеска литература на Универзитетот Гранада, институтот одлучил да го спаси заборавениот текст и да го преведе на шпански.
Секако, тука има голем број отстапувања од оригиналната нарација. Најголемата разлика лежи во самите ликови. Дон Кихот, во книгата наречен Кисада, е помалку откачен и порационален, додека Санчо Панса е повеќе ученик на учител-мудрец отколку придружник на луд благородник. Свештеникот кој се обидува да го излечи Кихот од халуцинациите во оваа книга е доктор, додека Дулчинеја, селанката која е идеализирана во очите на витезот, е опишана со кинескиот епитет „Дамата од жад“. Лин исто така ги отстранил сите референци на Бог, а старата мрцина Росинанте ја претворил во „брз коњ“.
Истовремено со шпанското издание, во Кина излегува и ре-принт од оригиналниот кинески текст, за прв пат од 1934, од страна на истиот издавач кој го објавил текстот во 1922. Така, тоа е двојно враќање дома, на книга која зборува исто толку за 17-вековна Шпанија, колку и за 20-вековна Кина.