Помеѓу бројните песни на славни грчки поети за кои Микис Теодоракис има пишувано музика (како Јанис Рицос и Одисеас Елитис), има една, на нобеловецот Јоргос Сеферис, за која се врзани најмногу приказни. Станува збор за „Арниси“ (Одрекување), од циклусот на Теодоракис „Епифанија“, целосно посветен на овој поет. Дел од тие приказни се вистинити, а дел веројатно припаѓаат на митологијата поврзана со делото.
„Арниси“ првично е објавена во поетската збирка „Пресврт“ (1931), околу седум години по враќањето на Сеферис од Париз. Во тоа време поетот доживеал голема љубов со извесна Жаклин Пујолон, која долго време останала главна инспирација за неговата љубовна поезија, а како таква - љубовна, може да се сфати и оваа конкретна песна, ако под „нејзиното име“ се мисли на љубовта.
На тајниот брег
бел како гулаб
жеднеевме напладне;
но водата беше солена.
На златниот песок
го напишавме нејзиното име,
но морскиот ветрец дувна
и напишаното исчезна.
Со каков дух, со какво срце,
со каква желба
го живеевме нашиот живот; грешка!
И го променивме животот.
Есента 1960 година Теодоракис и Сеферис се сретнале во Лондон, каде што поетот бил амбасадор на Грција. Теодоракис подоцна му ги отсвирел и испеал песните на пијано во неговиот дом. Поетот бил задоволен од музиката, но му укажал на нешто важно - на интерпункцијата во „Арниси“, точка-запирката во претпоследниот стих (во грчката ортографија означена со тн. горна точка, ано телија).

Таа според него требало да подразбира пауза, буквална тишина со која се симболизира прекин со претходно кажаното, овозможувајќи му на читателот да ја искуси агонијата или жедта пред разрешувањето, но и да го оддели идиличното, идеализирано минато од тешката реалност на тогашноста. Голем број критичари ја поврзувале песната со траумата по грчко-турската војна (191-1922) и катастрофата што следела за Грците во Мала Азија, што повлекувало колективно разочарување и чувство дека еден национален сон бил погрешен или неостварлив, но и сознание дека мора да се започне нов живот.
Албумот бил издадени како плоча од 45 вртежи од издавачката куќа Колумбија во февруари 1962. Но при снимањето Григорис Битикоцис, славен пејач, кој по сопствено признание не бил баш нешто по скриените значења на поезијата (ова го кажува во документарецот во 12 дела „100 години грчка дискографија“ достапна на Ертфликс) направил грешка и ја испуштил паузата во стихот. Сепак, и покрај оваа „грешка“, песната постигнала огромен успех. Кога Сеферерис прв пат ја слушнал наводно почнал да се дере - „ТОЧКА-ЗАПИРКАТАА!“
Можеби токму поради ваквата реакција подоцна истата година се појавила и „точната“ верзија на песната, во изданието на „Епифании“ на дискографската куќа Филипс, со оркестрација на Костас Клавас и изведба на актерот и баритон Георгиос Муциос. Во оваа верзија музиката ја задржува паузата и стихот е изведен според оригиналниот текст на Сеферис. Но мора да се признае дека чисто музички е инфериорна во однос на првата - „погрешната“ - верзија. Споредете сами.