За тоа дали 2022 ќе ни остане во добар или лош спомен одлучува - една молекула

Кога мозокот ги енкодира спомените како позитивни или негативни, само едно мало - многу мало нешто - одредува дали тие ќе одат во едното или во другото купче. Истражувачите сега се обидуваат да одредат што е пресудно во ваквото групирање.

Да речеме дека сте на новогодишна прослава во омилената кафана. На звучник оди Ханка Палдум („подобро од џез“), а вашите драги луѓе се здрави, живи и расположени. Години подоцна гласот на Ханка ќе ве потсетува на таа пријатна вечер крај кафанското огниште.

Втора верзија. Новогодишна прослава во омилената кафана. На звучник оди Ханка Палдум („подобро од џез“), а околу вас драгите луѓе се видно расположени. Но во тој момент добивате порака дека пријател ненадејно починал. Години подоцна гласот на Ханка ќе ве потсетува на тој момент.

Спомените кои предизвикуваат насмевка и оние од кои се стресуваме се разликуваат единствено по една ситна молекула наречена „неуротензин“. Ова е заклучок на статија објавена во јули оваа година во списанието „Нејчр“. Истражувачите заклучиле дека кога мозокот проценува нови искуства, во истиот момент невроните го прилагодуваат испуштањето на невротензинот, па таквата промена испраќа информации долж различни неврални патеки, кодирајќи ги како позитивни или како негативни мемории. И уште нешто - при формирањето сеќавања мозокот е прилично претпазлив во селекцијата, односно кон тоа што ќе прогласи за „среќен“ спомен. Ова е веројатно еволутивна финта, која фаворизира внимателност во име на преземање помал ризик во иднина. 

Ова ни дава увид во биолошката основа на анксиозноста, зависноста и други невро-психијатриски состојби кои се појавуваат кога дефектите во механизмот водат кон „премногу негативно процесирање“. Таргетирањето на механизмот преку нови лекарства може да послужи како вид терапија.

Способноста на мозокот да „снима“ сигнали од околината и да ги врзува за добри или лоши спомени е критичен за опстанокот. Ако јадењето некој вид бобинки не било добро за нашето здравје, инстинктивно ги одбегнуваме или барем сме многу претпазливи во нивното препознавање.

Спомените кои поврзуваат навидум несродни идеи како „бобинка“ и „болест“ (или обратно, задоволство, ако бобинките се, на пример, зрели капини врз чизкејк) се наречени асоцијативни мемории и често се исполнети со интензивни емоции. Тие формираат мал регион во мозокот во форма на бадем поради што тој е наречен амигдала (грчки збор за бадем). Иако традиционално е познат како „центар за страв“ на мозокот, амигдалата реагира и на задоволство и на други чувства. Еден дел од неа, базолатералниот комплекс, поврзува поттици од околината со позитивни или негативни исходи. Но како го прави ова не беше јасно до пред некоја година кога група од МИТ не откри дека нешто во оваа смисла се случува токму во спомнатата базолатерална амигдала кај глувци.

Најновите резултати одат чекор понатаму во разоткривање на процесот, иако како и секогаш во науката, некои од прашањата остануваат отворени. Едно од нив е како мозокот реагира на двосмислени ситуации во кои не е баш јасно дали искуството било црно-бело, односно само добро или само лошо. Но останува фактот дека емоционалната вредност која ја доделуваме на одреден спомен е поврзан со био-хемиски процеси. Што можеби (а можеби и не) е некаква утеха кога споменот на некого или на нешто е лош - виновна е таа, една молекула.

извор

 

31 декември 2022 - 11:32