Досегашните теории кои се обидуваа да ја објаснат менталната истоштеност беа нецелосни. Една од најпознатите е дека когнитивните напори трошат енергија во облик на гликоза. На крај на денот кој бил поминат во интензивно „когнитирање“, мозокот метафорично работи на резерва. Проблемот со оваа верзија е дека енергетската потрошувачка поврзана со мислењето е минимална - според една анализа станува збор за една десетина од вредноста на гликоза во оние мали Тик-так бонбончиња.
Ако не е до недостатокот на енергија, тогаш до што е? Тим научници раководени од Антониус Вилер од Универзитетската болница во Париз, почнал да ги анализира нештата од нервометаболичка гледна точка. Нивната хипотеза е дека когнитивната истоштеност е резултат на акумулација на одредени хемикалии во регионот на мозокот каде се лачи глутамат, поттикнувачки невротрансмитер во централниот нервен систем на цицачите и игра улога во голем број активности, како учење, помнење и циклусот на спиење и будење.
Со други зборови, когнитивната работа резултира со хемиски промени во мозокот, што па иницира промени во однесувањето, манифестирани како умор. Тоа е сигнал да се престане со работа за повторно да се воспостави рамнотежа во мозокот. Во нивната нова статија во списанието Current Biology истражувачите опишуваат експеримент кој им помогнал да го разберат процесот.
За да се поттикне когинитивна истоштеност, група учесници биле замолени да изведуваат различни задачи кои вклучувале мислење во рок од шест часа. На половина им биле давани лесни а на другата половина тешки задачи. На пример, на екран биле прикажувани различни букви. Оние во лесната група требало да запамтат дали моменталната буква била иста со претходната или, во тешката група, со онаа три букви претходно.
Периодично од учесниците се барало да донесат одлуки кои би укажале на нивната истоштеност. Им било нудено да заработат 50 евра со возење статичен точак во тек на 30 минути на тешко ниво (висока награда но и висок напор) или 37 евра за 30 минути на полесно ниво на вртење (низок напор но и ниска награда). Учесниците кои биле во тешката група почесто се одлучувале за втората опција, особено при крајот на шесте часа.
Истовремено, бил мерен обемот на нивните зеници во моментот кога им биле прикажувани опциите. Времето потребно за зеницата постепено да се шири ја отсликува количината умор. Времето на ширење на зениците на учесниците на кои им биле дадени потешки задачи значајно се продолжувало како што напредувал експериментот. Во текот на целиот процес научниците користеле и техника наречена магентно-резонантна спектроскопија за да ги мерат биохемиските промени во мозокот, особено во префронталниот кортекс, кој е поврзан со когнитивната контрола. Според хипотезата требало да има прилично голема хемиска разлика во мозоците на оние со лесни и со тешки задачи. Претпоставката се потврдила - концентрациите на глутамат во синапсите на оние со тешки задачи биле многу повисоки.
Сепак, додека некој не измисли начин да се хакира мозокот со вештачко забрзување на процесот на одмарање од мислење, да се држиме до оние природните - спиењето или простото дремење не правејќи (и не мислејќи) ништо.