Единствено што ни остана (релативно) нечепнато во јагмата за нарушување на нашата приватност, е фантазијата. Особено онаа која се одвива во слики, кога формираме визуелни претстави од она што го посакуваме или она од што се плашиме. Но што ако за да го претставиме тоа на некој друг не мора да го цртаме или опишуваме со зборови, туку просто можеме да им го покажеме, исто како да се во нашата глава?
Истражувачи од Универзитетот во Кјото, со помош на системи на вештачка интелигенција, успеале токму во ова - да прочитаат слика која човек ја гледа со своето „умствено око“ и да ја трансформираат во дигитална фотографија (слика горе).
Во моментот сликите се со ниска резолуција, а субјектот треба да биде внатре машина за магнетна резонанца за да му се отчитуваат. Но се очекува во иднина ова да биде можно и со обичен компјутер. Под „иднина“ се мисли на една деценија.
Експериментите за кои станува збор се изведени во 2018, а резултатите се објавени во списанието Computational Biology. Додека ги снимале сигналите од визуелните мозочни системи на учесникот во истражувањето, нему му биле покажувани илјадници слики и тоа секоја од нив презентирана по неколку пати. Сликите кои притоа се формирале во умот на субјектот станале дел од огромна датабаза мозочни сигнали, при што секоја група сигнали кореспондирала со специфична слика.
Овие податоци потоа се внесени во длабока неврална мрежа која е тренирана да произведува слики. Невралните мрежи се фантастични детектори на шеми, па за секоја слика која им била покажана на тест субјектите невралната мрежа се обидела да произведе слика која одговара на набљудуваните шеми на мозочна активност. Притоа таа била рафинирана повеќе од 200 пати за на крај да се добијат такви кои се со висока прецизност. Нив ги проценувале луѓе, „судии“ на кои им биле претставени сликите без да им се каже што има на нив. Во повеќе од 99% од случаите, и покрај тоа што сликите се матни и по малку апстрактни, тие можеле да погодат кои се нештата претставени на нив.
Следната фаза предвидувала не гледање на слики туку нивно замислување, без сугестија. Повторно се добиле слики со висока прецизност, што е некако и очекувано бидејќи замислувањето слики се случува во голем број од истите мозочни региони како и гледањето реални слики. Овој пат резолуцијата и препознатливоста била помала, но кога од субјектите се барало да замислат едноставни и висококонтрасни форми, како бел круг на црна позадина, реконструираните слики се поклопувале со примери од реалниот свет со точност од 83,2%.
Проблем во тестирањето е што држењето на ментална слика во мозокот подолг период е тешко, а има и голема варијација во тоа колку луѓето можат да визуелизираат воопшто (за тоа во аудио подкастот „Афантазија: замисли како е да не можеш да замислиш“)
На етичко ниво има очигледни импликации, по безбедноста и приватноста. Истражувачите го имаат споделено кодот за нивниот систем на Гитхаб, па ако имате вишок 5 милиони долари за МР скенер дома, можете да си ги отпечатите менталните слики да ви го красат ѕидот, прифаќајќи го ризикот од истото.