„Чекајќи го Супермен" од 2010, како што е опишано и во колумната, ја следи приказната на пет ученици од Харлем и Бронкс кои се обидуваат да излезат од системот на јавното школство, кое според документарецот го инхибира, а не го поттикнува нивното образование. Нивната надеж е дека ќе влезат во тн. „чартер" (привилегирано) школо - образовна корпорација, која добива јавни пари, но е раководена од непрофитни или профитни компании.
Ваквите училишта се ослободени од голем број правила кои важат за конвенционалните, и не подлежат на инспекции од страна на владините тела. Одделенијата во нив се помали, така што учениците можат да добијат поголемо внимание отколку во државните училишта.„Фала богу за чартер училиштата", вели во една сцена Бил Гејтс, „затоа што постоечкиот систем веќе не нуди простор за иновација". Со оглед на тоа што не наплаќаат школарина, а барем според официјалната реторика сакаат да бидат отворени за сите, влезот во нив се одредува со - лотарија.
Токму на тоа се надеваат и децата во филмот, дека тие ќе бидат меѓу среќните што ќе го продолжат образованието во едно вакво школо, а не во „фабрика за отпадници" и „образовна канализациска цевка", како што се опишани државните училишта од кои тие потекнуваат. Ваквите школи, доколку бидат проценети како „неуспешни" (failing) биваат затварани, а во нивните простории се вселуваат „чартерите".
Филмот кулминира со лотаријата на која децата со голема возбуда и солзи во очите очекуваат дали ќе биде извлечен нивниот број. На повеќето од нив сонот не им се исполнува, и тие најмалку уште една година ќе мора да преживеат во училишта со немотивирани наставници, кои на час си читаат весник, заштитени со колективни договори и со статуси на „редовни професори", додека американското образование заостанува зад поголемиот дел од светот. На неговите реформатори им останува да отворат уште повеќе чартери, и така САД да се поткачи на листата на земји со квалитетно образование, на која со години тоне.
Филмот добил награда од публика на Санденс. Во него има сè што треба да има во еден документарец - архивски снимки, лични приказни, статистика, дијаграми. Правен е од човек кој има добиено Оскар. Па сепак, секој оној во најмала рака скептичен кон спомнувањето на „реформи", „образование" и „приватизација" во истата реченица, по гледањето на филмот останува со ментална кнедла во главата. Премногу сцени со измаглици, водникави детски очи, политичари загрижени за нивната иднина. Демографски премногу „местен", како по шема бирани деца од различно (не-бело) потекло, чии татковци се во затвор затоа што продавале дрога или мајки кои работат повеќе од една работа за да врзат крај со крај. Повеќе од еден час чувство дека гледате платена политичка програма, и дека тука има нешто помеѓу кадрите што се премолчува.
И има. Некаде подолу на Гугл, кога го пребарувате „Чекајќи го Супермен" се појавува и линк до друг документарец, под наслов „Непријатната вистина зад Чекајќи го Супермен". Не е режиран од оскаровец, продуциран е од родители и наставници, нема фенси-шменси визуелни ефекти, се гледа дека е правен „партизански". Но тој раскажува една поинаква приказна за „чартерите" во Њујорк, промовирани и финансирани од градоначалникот - и осми по богатство во светот - Мајкл Блумберг.
Додека во првиот филм „лошите" беа родителите и пасивните наставници, во овој се тврди дека корпоративните „реформатори", при анализа на причините за падот на квалитетот на школството намерно од сликата ги изоставуваат социјалните фактори, како сиромаштијата и расната дискриминација, кои во најмала рака подеднакво влијаат врз успехот на учениците, а секако и врз мотивацијата на наставниците и вниманието кое на своите деца можат да им го посветат родителите.
Наместо да им се помогне на оние училишта кои покажуваат послаб успех, тие или целосно се затвораат, или според таканаречена политика на „ко-локација", во нив се вселува ново чартер школо. Тоа за учениците од државното всушност значи уште помалку простор и уште поголеми одделенија, кои можат да бројат и до 40 луѓе. Први страдаат простории за воншколски секции и за работа со деца со посебни потреби. Во зградата може да влезе ново пијано, но државните ученици нема да можат да го користат. Наместо тоа, тие добиваат нови метал-детектори на влезот, на нивниот влез од школото. Училници за деца од градинка до второ одделение притоа можат да се најдат и во подрум, со решетки на прозорците.
Во еден ваков случај државно училиште било присилено да се откаже од свои простории во корист на чартер чиј сопственик е Џулијан Робертсон, милијардер кој раководи со инвестициски фондови, а кој има донирано големи пари на градоначалникот на Њујорк, Блумберг, токму за иницијативата за реформи во образованието. Две од три чартери во Њујорк се ко-лоцирани во згради на државни училишта и имаат имиња од типот Харлемска академија „Ветување". Хинт: ниту едно дете, на ниту еден политичар и „реформатор" одговорен за овој проект, вклучително и децата на режисерот на филмот, не оди во вакво училиште, туку во приватни.
Реформаторите инсистираат на одговорност, компетитивност и на квантифицирање на сечиј успех, а особено на ефикасноста на наставниците, преку - ЕКСТЕРНО ТЕСТИРАЊЕ. Притоа, во обиди да го прикаже успехот на неговиот проект, Блумберг на неколку пати е фатен како ги местел резултатите од тестирањата. За манипулирање на бројките во корист на чартерите во споменатата харлемска Академија се случило да биде исфрлен ЦЕЛ ЕДЕН КЛАС кој не покажувал добри резултати. После тоа статистиката си била на место (спореди коинциденција на црвена и сина крива на сликата).
Главната некогашна „реформаторка" на школскиот систем во Вашингтон спомната во колумната, Мишел Ри, е обвинета за диктаторски стил на спроведување површни реформи кои функционираат по принципот на „морков и стап", и со делење откази (во еден случај дури на 75 наставници во Ди-си без никакво образложение). Во „чартерите" се спроведува дисциплина многу слична на онаа што таа самата ја спроведувала во училница, додека била наставничка - во едно интервју признава, поточно се фали, дека им ги покривала устите на немирните ученици со леплива трака, за да ги замолчи. Гласачите во Вашингтон биле толку незадоволни од нејзината работа што не го реизбрале градоначалникот кој бил одговорен за нејзиното назначување.
„Чартерите" се фалат дека со раширени раце ги дочекуваат учениците од пониските социјални слоеви и оние со посебни потреби. Во реалноста деца кои биле извлечени на лотарија, кога ќе стане јасно дека имаат потреба од посебна грижа и дополнителни часови, едноставно се игнорирани, и приморани да се вратат назад во државните. Еден куп чартери низ земјата се обвинети и за расна дискриминација, особено во Њу Орлеанс, каде големите поплави послужиле како добар повод за затворање куп државни училишта и инсталирање на оние „привилегираните".
Синдикалното здружување, обвинето за неоснована заштита на наставниците всушност воопшто не е толку силно во САД како што тоа се прикажува во првиот филм. Но затоа синдикатот за образование е многу силен во една друга држава, со која САД сака да се споредува во оваа област. - Финска Во земјата со најквалитетно образование во светот 98% од наставниот кадар членува во синдикални организации.
Ова се само некои од деталите изнесени од наставниците и родителите од вториот филм. На крај, што нудат тие како можно решение?
1. Помали одделенија
2. Квалитетни државни училишта за СИТЕ деца
3. Повеќе време за предавање, помалку за тестирање
4. Овозможување на право на глас на наставниците и на родителите
5. Еднакви фондови за сите училишта
6. Антирасистички образовни политики
7. Наградување на заложбите и искуството на наставниците
И после сето ова, Ѓорчев е всушност во право. Ова Е документарец кој тера на размислување. И втерува страв во коски за тоа што може да направи глобалниот капитал кога ќе ја стави својата тешка рака врз образованието. Да, актуелно и релевантно за секоја земја, па и за нашата. Погледнете ги двата филма и проценете самите.
Оригиналниот „Чекајќи го Супермен"
„Непријатната вистина за Чекајќи го Супермен"