В. Дејлс Нелсон, самиот поет и 40 години новинар за Аssociated Press, во книгата „Џин пред појадок: дилемата на поетот во редакцијата" (2007) ги истражува влијанијата кои големите британски и американски поети, кои се занимавале со новинарство, го извршиле врз оваа професија, промовирајќи таков дискурс кој отстапувал од стандардите на сувото известување.
„Новинските статии обично зборуваат за имиња, настани, бројки на жртви и истраги. Песните ни кажуваат нешто за нас самите", вели авторот, кој во книгата дава кратки биографии на неколку познати но и на неколку опскурни британски и американски поети кои работеле како новинари: Колериџ, Волт Витман, Радјард Киплинг, Едгар Алан По. Генерално, на младите талентирани за пишување им се советувало да ја избегнуваат новинарската професија бидејќи така тие „би пиеле џин пред појадокот" (стереотипна, но често и вистинска склоност кон алкохол на новинарите). Но со оглед на тоа што и поетите не стојат лошо по ова прашање, ова сепак не се толкувало како пречка. Некои веруваат дека сепак не станува збор само за начинот на живот, туку и за генералниот сензибилитет и моќ на ракување со зборови: дека е полесно да претвориш поет во новинар во економска рубрика, отколку да направиш писател од библиотекар.
Еден од претставените поети, Џон Гринлиф Витлер, влијателен американски борец за укинување на ропството, својата кауза ја бранел и на поетско и на новинарско поле. Од ваквото мешање на жанровите профитираат обата: конкретноста која е значајна за новинарството може да помогне да се надмине апстрактноста која понекогаш ја карактеризира поезијата, а свежите стилски фигури можат да му послужат на новинарот да пишува исто толку добро како и поетот.
На корицата на книгата е претставен Радјард Киплинг, кој во текот на Јужно-африканските војни од деветнаесетиот век меѓу Британската империја и холандските доселеници, бил регрутиран да уредува весник за британските трупи. Весникот бил локален, и се вика „Пријателот". На фотографијата горе Киплинг седи на масата прв од десно, а прв од лево е подоцнежниот уредник на лондонскиот Morning Post.