Неодамна излезената GTA VI беше една од најочекуваните видеоигри во историјата, а интересот за неа не произлегува само од популарноста на серијалот, туку и од ветувањето дека ќе ја помести границата на она што може да понуди една отворена виртуелна средина. Во текст на оваа тема објавен во Њујоркер се истражува токму оваа неочекувана страна на играта: покрај оружјето, грабежите и бркотниците (додуша „омекнати“ во однос на претходните верзии), тука има и богат свет на животни, пејзажи и детали кои можат да се чепкаат со саати.
Дејството се случува во измислената американска држава Леонида, со главен град Вис сити инспириран од Мајами. Тука може да се оди во теретана, да се користи јавен превоз или да се уредува домот - нема веќе беснеење и неограничено носење оружје, главните ликови не можат да раскинат, а нема ни проститутки. Но затоа покрај градот има мочуришта, острови и рурални предели кадешто може да се лови риба, да се вози кајак и - да се набљудуваат и евидентираат најмалку 60 видови птици. Програмерите посветиле значително внимание и на биолошката веродостојност: пердувите, положбата на крилјата и тетивата што ја поддржува нивната површина се симулирани со напредни дигитални модели. Оттаму не е ни чудо што играчи со двоглед следат орли, колибри, пеликани и други птици, за момент ставајќи ја на страна првичната крими-мисија.
Но токму оваа амбиција отвора и контроверзни прашања. Едно од нив е дали неверојатно деталниот свет е пред сè уметничко и технолошко достигнување или и начин играчот да поминува што е можно повеќе време во производот. Авторот забележува дека игрите се дизајнирани да го задржат вниманието, па бескрајното изобилство активности може да се гледа и како форма на зависничко привлекување. Другата дилема е посуштинска: може ли игра што ја слави криминалната фантазија и насилството истовремено да ја поттикне љубопитноста кон природата и грижата за живиот свет? Не сите набљудувачи на птици се согласуваат со таквата можност – еден од соговорниците одбива да игра видеоигри што го величаат насилството, без оглед на тоа колку реалистично ги прикажуваат птиците. Плус, ако реално набљудувате птици сте во исто толку реална природа, или барем не сте пред компјутер.
Види претходно: ГТА6: Симулација на папучар