Во германскиот официјално одобрена употребата на „идиотскиот апостроф“

Deppenapostroph е колоквијално име на интерпункциски знак кој не е карактеристичен за германскиот, туку долго време е користен како влијание на англискиот. Сега високо лингвистичко тело во Германија го одобри, откако сфати дека премногу се раширил за да може да се игнорира.

Ресторани со имиња како Rosi's Bar или Kati's Kiosk се вообичаени низ германските градови. Но строго земено, oвие називи не се правописно точни. За разлика од англискиот, германскиот не употребува апострофи за да се укаже на генитивниот падеж или на сопственост. Оттаму, точната транскрипција би била Rosis Bar или Katis Kiosk.

Сепак, телото кое го регулира користењето на стандардниот германски неодамна се изјасни дека интерпункцискиот знак познат како „идиотски апостроф“ е веќе толку вообичаен што сега е дозволен - сè додека се користи исклучиво за определување сопственост поврзана со лични имиња. 

Новото издание на правила издадени Советот за германска ортографија, кој ја дефинира употребата на граматиката во училишта и јавните институции во Германија, Австрија и германските кантони на Швајцарија вели дека се дозволени Eva's Blumenladen (Цвеќарата на Ева) и Peter's Tavern (Таверната на Петер), но сепак не и Eva's Brille (Наочарите на Ева). 

Новите правила стапија на сила во јули, но во текот на тој период германските весници и социјални мрежи сведочеа револт против олабавувањето на граматичките правила. Колумнист од Франкфуртер Алгемајне Цајтунг ја критикуваше одлуката нарекувајќи ја уште еден доказ за „маршот на победата“ на англискиот јазик. Други велат дека не станува збор за влијание на англискиот, туку за едноставна потреба да се одбегне збунка (на пример во Andreas Bar дека човекот се вика Андреа, а не Андреас). 

извор 

8 октомври 2024 - 16:48