Вики со трите бакнежи: гласот што ги заведувал и мамел нацистите

Во текот на Втората светска војна, во сенката на фронтовите и бомбардирањата, се водела и тивка психолошка војна. Радиото станало моќно оружје, а гласот на една млада жена се претворил во внимателно конструирана илузија. Зад музиката и романтичните пораки се криела стратегија што требало да внесе сомнеж, страв и несигурност кај непријателот.

Во екот на Втората светска војна, една 21-годишна девојка станала тајно оружје на Сојузниците. Под името „Вики со три бакнежи“, таа им се обраќала на германските војници преку радио, со заводлив глас, романтични пораки и популарни песни. Војниците верувале дека слушаат германска ѕвезда. Всушност, гласот доаѓал од тајно студио во Англија.

Зад ликот на Вики стоела Агнес Бернауер, млада актерка со еврејско потекло која побегнала од нацистичка Германија. Нејзиниот татко бил театарски уметник прогонуван од режимот на Гебелс, а семејството едвај избегало од Германија пред војната. Во Лондон, Агнес сакала кариера на сцена, но наместо тоа завршила во тајна пропагандна операција.

Вики ги заведувала слушателите со љубовни фантазии, носталгија и ветувања за средби по војната. Меѓу песните, во програмата се провлекувале вести што ја преувеличувале силата на Сојузниците или ширеле сомнеж во нацистичкото раководство. Радиото станало психолошко оружје исто толку важно како и оружјето на фронтот.

Од еден имот во селото Милтон Брајан, британската служба за политичка војна емитувала лажни германски радиостаници. Тие звучеле автентично, пуштале модерна музика и внимателно мешале вистини со лаги. Целта била да се разниша моралот на германските војници и цивили. Овој вид „црна пропаганда“ не само што ја криелa својата намера, туку и целосно го лажелa слушателот за своето потекло. Германскиот адмирал Карл Дениц го нарекувал ова рурално гнездо на тајното британско дејствување „Гифткухе“ или „отровна кујна“. 

Но факт е дека Британците реагирале со задоцнување и со блага нелагодност започнувајќи една ваква кампања, и тоа само поради тоа што Германците уште од 1933 почнале да го контролираат информациското бојно поле. Сепак, со време и тие станале прилично креативни. Така, на една од ноќните програми на радиото, водителот, наречен „Дер Шеф“, фиктивен и дрзок наводно разочаран наци офицер, ширел измислени, порнографски гласини за германски функционери. 

Кулминацијата дошла во 1945 година со операција во која Сојузниците упаѓале во германските фреквенции и ширеле лажни наредби за евакуација. Настанал хаос и паника. По војната, многумина се прашувале каде исчезнала омилената радиостаница. Дури подоцна станало јасно дека станувало збор за внимателно режирана измама. Приказната за „Вики со три бакнежи“ и сличните на неа покажува дека војната не се водела само со тенкови и авиони, туку и со зборови, музика и емоции. А лагата, внимателно спакувана како забава, можела да стане моќно оружје.

извор

19 февруари 2026 - 17:08