Визионер со дигитална тапија

Видео игриците на Тимоти Лири

Кога умре, во 1996, Лири беше испратен како „кум" на контракултурата на шеесетите. Но новиот материјал откриен во архивата на Лири во Њујоршката јавна библиотека го прикажува и како ран авантурист во една друга област.

На прием по повод отварањето на архивата за истражувачите, која од страна на оваа библиотека беше откупена во 2011, бил поставен монитор на кој постојано се вртеле сцени од петнаесетина видео игри кои Лири ги креирал во осумдесетите на дваесетиот век. Игрите биле откриени во 375-те компјутерски дискови кои се дел од архивата, и ќе можат да се видат, а во некои случаи и да се играат, на специјално поставен компјутер во библиотечниот оддел за ретки книги и ракописи.

„Игрите се во развој, па содржат багови", предупредил Доналд Менерих, дигиталниот архивист кој го водел проектот. Но тој додал дека тие се на вистинска линија со идеите за интерактивност, кои доминираат со дигиталната култура денес.

„Лири на оваа идеја за интерактивно играње ѝ додал аспект на психолошка интеракција, идеја за репрограмирање на вашиот мозок. Тогаш таа не фатила корен, но тоа е затоа што тој бил далеку понапред од своето време".

Повеќето од софтверските проекти на Лири биле наменети за самопомош, за разбирање и подобрување на личноста, служејќи се со дигитални наместо со фармацевтски средства. На почетокот од една од игрите, „Умствено огледало" (1985), Лири прашува: „Нели прецизното размислување за себеси е најосновното средство за успешно раководење на вашиот живот?".

Оваа игра е и единствената издадена комерцијално, а им овозможува на играчите да создаваат, проценуваат и да играат различни улоги врз основа на психометрички идеи од неговата докторска теза од 1950, „Социјалните димензии на личноста". Во текот на две години по појавувањето на играта биле продадени 65,000 копии. Сега, благодарејќи на верзијата адаптирана за Фејсбук, истата го продолжува својот живот на интернет. За поголемиот број други софтверски проекти на Лири до сега се веруваше дека се или загубени, или дека никогаш не биле направени.

Еден од нив е таканаречен „умствен филм", некој вид игра во која можете да бирате свој авантуристички стил, базиран врз романот на Гибсон, „Неуромансер". Проектот требало да го прави неверојатен тим: за графичкиот дизајн требало да се погрижи славниот Кит Херинг, музиката требала да биде на Дево, фотографиите на Хелмут Њутн, а текстот на Бароуз! За жал дискетата на која е пронајден дел од работните скици содржи многу мал дел од целата замисла, меѓу другото дигитален карактер базиран на Дејвид Брн.

Човекот кој Никсон го нарече „најопасниот човек во Америка", освен комплетна документација за неговите рани експерименти со психотропски дроги, во наследство ни оставил и игри кои не се наменети за обична забава, туку за развој на креативниот потенцијал. Нешто што потешко ќе го остварите со пасијанс.

Горе: Игра на Лири наречена SKIPI - Super Knowledge Information Processing Interface

2 октомври 2013 - 11:19