Јохана Нордблад е фински „фридајвер“ или слободен нуркач, што означува дека не користи никаква опрема за кислород, издржувајќи долго време под вода само контролирајќи го сопствениот здив. Но тоа не е сè - таа до скоро била светска рекордерка во пливање под мраз носејќи само костим за капење, со поминати 103 метри за време од 2:42. Овој рекорд бил соборен од Јужноафриканката Амбер Филари во март 2024, со 105.08 метри.
Во документарецот „Задржи го здивот: нуркање под мраз“ (2022) кој во моментов е достапен на Нетфликс, ги следиме нејзините подготовки за рушењето на сопствениот рекорд за жени, кој до тогаш го држи цели три години, 50 метри слободно нуркање под мраз. Дознаваме и како воопшто се одлучила за ваков необичен спорт - како што раскажува и нејзината сестра и постојана придружничка на тренинзите, Елина, таа уште како мала била склона кон „ризично однесување“, односно се занимавала со нешта на кои не се нафаќале ни нејзините машки врсници. Kajaкарство, возење мотор по нерамен терен, возење велосипед на надолнини...„Кога се случи несреќата тоа беше очекувано“, вели таа, за моментот кога сестра ѝ скршила нога, со огромен расцеп кој се заканувал дека ќе се инфицира и ќе резултира со гангрена.
Иако за среќа не дошло до тоа, Јохана имала големи болки поради кои не можела да спие, а камоли да се занимава со нејзините омилени активности. Тогаш слушнала за можен лек - потопување на ногата во ледена вода. Почнала само со ногата, но наскоро целата се нашла под мразот, кој за среќа во Финска се уште го има (иако не толку колку некогаш). Сепак, таа вели дека за да се издржи под толку студена вода само со сопствен здив не е толку важна некаква посебна физичка подготовка, колку менталната состојба. Потребно е целосно медитативно препуштање на бавното движење со истовремена заштеда на енергија и постепено напредување, но со спокој кој прави студеното да е само студено. Во случај на паника истата таа температура одеднаш станува неподнослива и се претвора од обично чувство на „малку ми е ладно“ во огромна болка, која може да заврши со инфаркт под мразот.
Филмот е снимам во 2020, но прескокнува една цела, 2021 година, кога поради пандемијата се откажани сите натпревари, а се затворени и сите базени кадешто Јохана може да тренира. Ова е донекаде и добро, затоа што таа непосредно пред големиот настан на почетокот на 2021 - рушењето на рекордот - добива „сенка“ на белите дробови, а и на езерото коешто најдобро го познава нема доволно (30 сантиметри) мраз како што наложуваат прописите. Така, одложувањето излегува благослов, а Јохана повторно се надминува себеси. „Ова е последно“ вели сестра ѝ, веројатно мислејќи дека тоа е вистина. Кога сега прочитавме дека нејзиниот рекорд е срушен од друга гњурачка, некако ни е тешко да поверуваме во тоа.
Илина, Букбокс