Длабоко во Апалачите на Западна Вирџинија лежи Скајр, место кое се води како регион кој не е покриен од локалните власти и институции (тн. unincorporated areas). Ископувањето јаглен за индустријата ја обликува работничката конзервативна политика, а ова се смета и за еден од најсиромашните региони на целата територија на САД.
„Земјата има збогатено многумина, но повеќето од нив воопшто не живеат во областа“, вели фотографот Роберт ЛеБланк. Откако ќе ги исцрпат природните ресурси, компаниите се пакуваат и ги напуштаат заедиците кои самите ги создале, создавајќи токсична комбинација на уништена околина и рурална сиромаштија. Како што често бива во вакви случаи, религијата ја пополнува празнината.
Во регионот има цркви и црквички на секој чекор, иако населбите се толку мали што во најголемите има по 100-150 луѓе. ЛеБланк минал цели пет години со оваа заедница, поконкретно со пасторот Крис Волфорд и неговото семејство кое ја води спомнатата, озлогласена црква. „Озлогласена“ поради еден, како што велат верниците, повеќевековен обичај на исцелување со отровни змии.
Куќата на Исус буквално го сфаќа Евангелието според Марка 17-18, кое вели: „А знаците, на оние што ќе поверуваат ќе им бидат овие: со Моето име ќе истеруваат бесови; ќе говорат нови јазици/ќе фаќаат змии и ако нешто смртоносно испијат нема да им навреди; на болни ќе полагаат раце и тие ќе оздравуваат“ (превод издание на Светото писмо на МПЦ, 1990). „Припитомувањето“ змии го вршат и свештениците и верниците, а тоа често вклучува пиење на отров како демонстрација на силата на нивната вера.
Новата книга на ЛеБланк, како и придружната излоба, „Глориленд“, започнале да се формираат додека тој патувал низ Југот, истражувајќи момент во американската историја во кој старите верувања и традиции исчезнуваат пред напливот на глобализацијата. На неговиот пат тој контактирал со Волфорд и зборувал со свештеникот цели два месеци пред да му биде дозволено да присуствува на служба со целата конгрегација.
Тој своето искуство го опишува како „исклучително“, нешто што веројатно ќе исчезне во следните 10-15 години. Музиката која ја следи службата е мешавина на јужњачки госпел, делта блуз и фолк, а целиот обред со змиите подразбира дека верниците се подготвени да ги ризикуваат животите два пати неделно за она во што длабоко веруваат. Се користат отровници кои се карактеристични за Северна Америка, но дури и кобри, кои во текот на службата се допираат, се креваат со раце во воздух или се ставаат на телото за змиите да лазат по него. Доколку се случи да бидат каснати, верниците не бараат медицинска помош, а ако умрат тоа не се толкува како резултат на недостаток на верба, туку дека на каснатите едноставно „им дошло времето“.
Ваквата практика довела до воведување постриктни закони за ракување со отровни животни, но казните не се толку драконски како во минатото. Во 1941 на пример, закон кој важел во Џорџија предвидувал казна смрт за ваквото користење на змиите. Во 1992 имало и судење за убиство на свештеник кој ја терал сопругата да држи змии и да ги предизвикува за да биде касната.
Повеќе фотографии тука