Знаеш ли, и јас некогаш имав град
улици, драги лица во дворовите
под костенот маса, некогаш
правлива слика и пат од сон
девојки, на другарите песна
во душа се буди детството.
Замисли, мириса липата и летото стигна
подоцна снегови, прамен сум магла
под неонска светлина во зима
ти кажувам, имав пријател ко брат
сега пустина, копнежливи писма
пацифик од тага и сеќавања,
велат судбина.
Таа курва болката мора да има име и причини
милион приказни, но секоја води до пустош
прашувам, дали знаеш, а знам дека не знаеш
ниту некогаш ќе сфатиш, а и зошто би
извини, тоа горчливата течност
од мене глупости говори.
Не е носталгија,
таа е романтично невино чедо
наспроти овие состојби
нема да ти ги спомнувам војните и ужасите
политиката и сличните срања
нема да повторувам, правда не постои
та тоа е барем јасно
сакам да допуштам солза на љубовта
со неа сум прекрасен пар
доцна е, знам.
Теча ноќта, секоја е мала вечност за мене
да, знам, мораш да појдеш,
о, како нервира кога последните автобуси се губат
прашувам, дали знаеш,
и јас еднаш имав град
улици, драги лица во дворовите
под костенот маса
а, веќе ти го кажував тоа.