За разлика од некои други активности кои трпат паузи и дозирања, а сепак не значи дека си престанал да ги правиш засекогаш (вежбање, пиење), вегетаријанството е прилично исклучива работа. Може цела година да постиш, потоа да изедеш една сарма со сланина за Божик, и веќе ти е џабе - од тој момент немаш образ да се нарекуваш вегетаријанец.
Според британска статистика, во 2016 биле регистрирани три и пол пати повеќе вегани во споредба со десет години претходно. Во оваа земја месо не јадат 1.2 милиони луѓе. И иако статистиката исто така покажува дека 25% од Британците јадат помалку месо од порано, преовладувачкото мислење е дека намалувањето на внес на месо не значи ништо доколку тоа целосно не се исклучи од исхраната.
Тоа е затоа што нејадењето месо обично е повеќе од прехранбена одлука, и е поттикнато и од желба за заштита на животните, кон кои индустријата за преработка на месо се однесува сурово и експлоататорски. Ако е веќе така, тогаш дури и навидум несуштинското намалување на јадењето месо, на пример од 10%, може да направи глобална разлика, кога повеќе луѓе би го направиле тоа.
Ова е ставот на Брајан Кејтман, со-основачот на тн. Редуктаријанско движење, група која промовира не нејадење, туку помалку јадење месо. Кејтман самиот се опишува како прагматичар - израснал јадејќи бифтеци и пилешки крилца, а како студент се одлучил да стане вегетаријанец. Но кога сестра му промрчила што за Денот на благодарноста тој изел мало парче мисирка, чисто да направи чест на софрата, тој ја сфатил екстремноста на разбирањето на вегетаријанството како работа на „сè или ништо“. Бидејќи не сакал да се придржува до ова црно-бело гледиште, решил да јаде онолку видови храна колку што е добро и за неговиот организам, и за планетата.
Негова централна премиса, онака како што ја објаснува во книгата „Редуктаријанското решение“ е дека веганите и вегетаријанците, кои одлучиле воопшто да не јадат месо, се дел од истата група луѓе кои не се задоволни со фабричкото одгледување животни, па решиле да јадат месо само повремено. Секој пат кога седнуваме на маса, искажуваме одреден став“, вели тој.
На сајтот на движењето има голем број рецепти и видеа кои треба да послужат како помош за оние кои сакаат да намалат со јадење месо, без оглед на нивните мотиви. Она што ги разликува „намалувачите“ од веганите и вегетаријанците е што тие не се исклучиви, и не сметаат дека едно копанче од време на време е смртен грев. Додека оние поекстремните ги нарекуваат редуктаријанците „вегани без доволно волја“, тие се обидуваат сепак нешто да направат, без да потпаѓаат под товарот на вината.
Говор на Кејтман на темата на ТЕД настан